Автомобилот што падна во Вардар бил на актерката Петрушевска

Автомобилот којшто Пожарната бригада го извлече во понеделникот вечерта од водите на Вардар кај Камениот мост во строгиот центар на Скопје, е на актерката Весна Петрушевска.

Петрушевска за порталот сдк.мк вели дека не знае како се нашло нејзиното возило во Вардар, бидејќи таа кога одела на проба во Македонскиот народен театар ја паркирала колата под мостот и влегла во театарот.

„Уште сум во шок, не знам што се случило. Бидејќи немаше место на паркингот, се паркирав под мосотот, каде постојано сите колеги ги оставаме колите. Јас сум шофер од 17 години, уредно ја изгасив колата ја заклучив и појдов на проба. Можно е да се работи за обид за кражба. Нема шанси колата сама да тргнала и да падне во Вардар“, вели Петрушевска.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека кај нив е пријавено дека кола плови во Вардар и дека според досегашните сознанија нема патници во неа. Се работи на отстранување на возилото од реката, велат од МВР.