3Д лапароскопска технологија за прв пат во Македонија

Клиниката за гинекологија и акушерство за прв пат денеска започна со примена на современата 3Д лапароскопска технологија.

Денеска беа изведени и првите оперативни зафати во соработка на словенечки лекари.

Директорката на скопска гинекологија, Марија Хаџи – Лега вели дека со оваа технологија се овозможува многу поголема прецизност во изведувањето на самата интервенција.

– 3Д технологијата е од големо значење и за искусни лапароскописти, доктори кои имаат големо искуство во таа област, бидејќи им овозможува многу голема прецизност посебно во сложени зафати, како што се отстранување лимфни јазли кај инвазивни карциноми на матката на жената, а исто така е од големо значење и за оние кои почнуваат да учат лапароскопија затоа што значително ја скратува кривата на учење на оваа оперативна техника, потенцира Хаџи Лега.

Појасни дека со воведување на таа технологија се овозможува зголемување на чувството на перцепција на длабочина во изведување на интервенцијата, како и значително подобрување на квалитетот на сликата.

– Во лапароскопската хирургија целата техника се пренесува на екран, така што визуелизацијата односно ориентацијата на докторот во текот на интервенцијата е значително подобрена. За таа цел, воспоставена е соработка со Клинички центар Љубљана и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство. Направен е договор за продлабочување на соработката односно овозможување за воведување нови оперативни техники кои досега не се изведени во Македонија, рече Хаџи Лега.

Врвниот експерт во областа на гинеколошката онкологија и минимално инвазивната хирургија во Словенија, доктор Леон Меглиќ денеска заедно со тим од Клиниката за гинекологија изведе две интервенции.

-Драго ми е што добив прилика да дојдам во Скопје на оваа клиника и да покренеме некоја соработка. Веќе направивме една операција со оваа 3Д техника, кој е значаен чекор напред и овозможува не само тешки и понапредни опреации, туку и колегите кои доста добро почнаа со лапароскопијата побрзо да ја усовршат техниката и да го скратат времето на учење на минимум, бидејќи токму тој 3Д овозможува длабочина на видот и операција која може побрзо да се направи и подобро да се научи, истакна докторот од Словенија Леон Меглиќ.

Опремата е обезбедена со средства од сопствениот буџет и чини околу 4 ипол милиони денари.