Македонија

4-ти Февруари – Светски ден на карциномот

4-ти Февруари – Светски ден на карциномот

Под слоганот „Сите не засега“ оваа година се одбележува Светскиот ден за борба против карциномот 4 февруари кој има цел да промовира позитивен пристап во борбата против карциномот. Одбележувањето е во организација на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Како што се наведува во соопштението на Здружението, овогодинешната кампања се фокусира на избор на здрави животни стилови, обезбедување на можности за рано откривање, пристап до лекување за сите и унапредување на квалитетот на живот.

– Една од областите во кампањата за 2015 година е промовирање на раната детекција како клучна мерка во борбата против карциномот. Според Светската декларација за карцином и Глобалниот акциски план за превенција и контрола на хроничните незаразни заболувања 2013 – 2020, секоја земја треба да обезбеди скрининг на населението за рана детекција на карциномите за кои постојат скрининг методи, вклучувајќи ги и карциномот на ракот на грлото на матката и карциномот на дојката. Со воведување на овие методи значително ќе се намали стапката на смртност предизвикана од овие карциноми, се вели во соопштението.

Од Здружението информираат дека властите секоја година усвојуваат Програма за рана детекција на малигни заболувања која предвидува скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на дебелото црево, скрининг за карцином на простата и скрининг за карцином на дојка.

Тие имаат забелешки дека покрај тоа што постои организиран скрининг, евидентирани се повеќе недостатоци. Не постои, велат, координација меѓу различните институции извршители на програмата и не се води соодветна здравствена статистика преку која можат да се следат состојбите поврзани со малигните неоплазми во Македонија и да се процени успешноста на самите скрининг методи. – Исто така, програмата за скрининг е предмет на чести измени (најмалку два пати годишно) со што се губи континуитет во спроведување на планираните активности, се наведува во соопштението.

Во Македонија годишно во просек од карцином на дојка умираат 277 жени, а од карцином на грло на матка умираат 30 жени, иако, како што се вели во соопштението, и двата вида на карцином можат навремено да се откријат и да се излекуваат.

Од Здружението ги повикуваат надлежните институции во Македонија да одвојат доволно средства и да подготват и усвојат програми за скрининг на карцином на дојка и на карцином на грло на матка соодветна на потребите во нашата земја со што би се намалила стапката на смртност од овие карциноми и би се унапредило здравјето и квалитетот на животот на жените во Македонија.