40 години затвор за убиецот на манекенката од Нови Сад

Даријан Мусиќ од Нови Сад (25) е осуден на затворска казна од 40 години поради убиство на манекенката Владислава Червенко.
Апелацискиот суд во Нови Сад во февруари, поради процедурални причини, ја укинал пресудата на Мусиќ и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење.
Со првата пресуда Мусиќ бил обвинет за кривично дело тешко убиство и е осуден на казна затвор во траење од 35 години.

Во својот стан во Нови Сад, на 12 ноември 2012 година, Даријан Мусиќ на смрт ја претепал новосадската манекенка Владислава Червенко, со која седум години бил во врска. Многубројни лекарски вештачења покажале дека Даријан манекенката ја тепал толку многу што од болка занемела, па не можелa ниту да повика помош. Владислава умрела во најголема агонија. Вештакот од судска медицина, д-р Раденко Вуковиќ, во текот на судењето го потврдил обдукцискиот наод на Владислава Червенко и истакнал дека таа на скалата од 0 до 10, трпела болки од висок интензитет, од дури 8-9 степени. Манекенката според наодот е усмртена со точно 53 удари, ѝ биле скршени ребрата, градниот кош, раката, ногата и ѝ бил пробиен црниот дроб. Потоа ја горел со цигари и ѝ ги кршел прстите, а на нејзиното тело со цигари ја „истетовирал“ својата дата на раѓање. Утврдено е дека девојката починала најмалку 10 минути откако Мусиќ ја претепал.

Петчлениот судски совет одлучил дека Даријан Мусиќ е виновен за тешко убиство со предумисла, бидејќи бил свесен за своите постапки додека ја удирал девојката.

Во март годинава, на повторното судење, Мусиќ изјавил дека не се сеќава јасно на деталите од трагичната ноќ. Пресудата на Даријан Мусиќ, кој во јули минатата година е осуден на 35 години затвор за убиство на манекенката Владислава Червенко, била укината.

Апелацискиот суд во Нови Сад ја усвоил жалбата на бранителот, па на Мусиќ повторно му било судено пред Високиот суд. До донесувањето на новата пресуда, Мусиќ бил во притвор.

Даријан Мусиќ,  во текот на полициската потера по него се огласил со пост на Фејсбук со вознемирувачка содржина.
Мусиќ, пишувајќи само со големи букви, признал дека ја убил својата девојка бидејќи „го изневерувала со кого ќе стигне додека бил во затвор“ и во монструозен тон тврдел дека не му била целта таа да умре. Мусиќ во пораката изразил љубов кон мртвото тело на Владислава Червенко и најавил дека ќе се убие.
Мусиќ е во притвор до новата пресуда – 40 години затвор.

Избирај што сакаш да ти скршам – носот или прстот?
Во истрагата за оваа постапка се вели дека Мусиќ на 15 јули 2011 година во попладневните часови, во улицата „Душан Даниловиќ“, прво ѝ се заканувал на Владислава, а подоцна и ја претепал, за што сведочи и лекарскиот извештај на КЦ Војводина.