424 килограми марихуана запленета во Албанија

Албанската полиција заплени 424 килограми марихуана во селото Кичинар, општина Мирдит.

Во акцијата е уапсено едно лице, во чија куќа е откриена дрогата, додека по две други лица, кои успеле да и избегаат на полицијата се трага. Акцијата е финализирана по повеќенеделна истрага.

Трите лица биле затекнали при амбалажирање на дрогата во пластични вреќи, која требало да заврши на грчкиот нарко пазар.

Освен дрогата запленети се и електронска вага, најлонски вреќи, биометриски пасош на лицата кои требало да ја префрлат дрогата, документи за возилото како и друг доказен материјал.

Претпладне полицијата од албанскиот град Фиер заплени 121 килограм марихуана, која по морски пат требало да ја транспортираат две лица, кои се уапсени.

Ова се последователни успешни акции на албанската полиција во борбата против шверцот со дрога. Само во изминатите неколку дена таа има запленето околу пет тони марихуана, чии крајни дестинации требало да бидат Италија и Грција.