Балкан

45 илјади сириски Курди пристигнале вчера во Турција

45 илјади сириски Курди пристигнале вчера во Турција

Четириесет и пет илјади сириски Курди пристигнале во текот на вчерашниот ден во Турција бегајќи од припадниците на терористичката групација „Исламска држава“.

Турција вчера ги отвори границите за околу четири илјади лица, претежно Курди, кои бегаат од Сирија поради нападите на џихадистите.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека неговата земја „ќе ги прими браќата, кои бегаат од Сирија без дискриминација на верска и етничка основа“.

Тој нагласи дека Турција се додека е силна и има капацитети, ќе му помогне на секој, кој бара засолниште.

Во Турција веќе се наоѓаат 850 илјади сириски бегалци.

Во меѓувреме Сирискиот центар за набљудување на човековите права соопшти дека борците на ИД во текот на дводневните операции зазеле 60 курдски села во близина на турската граница.

– Во изминатите 48 часа зазедоа 60 села, од кои 40 вчера, изјави директорот на Центарот Рами Абдел Рахман и додаде дека курдските борци се поразени, бидејќи бројно се многу послаби.

Ова е најголем напредок на џихадистите кон градот Ајн ел Араб, на границата со Турција. Тие во борбите користеле тешко вооружување, вклучувајќи и тенкови.