48 повредени во сообраќајката на автобусот со број 67

Вкупно 48 лица се повредени во сообраќајната несреќа на автобусот со број 67 која утрово околу 6:10 часот се случи на улицата Драчевска.

Според информациите кои НетПрес ги доби од Градската општа болница „8-ми Септември“ и Градската хируршка болница „Наум Охридски“, во ГОБ „8-ми Септември“ биле пренесени пет лица, 29 во ГХБ „Наум Охридски“, а во Ургентниот центар примени се 14 повредени патници.

„Од сообраќајната несреќа која се случи утрово, во ГОБ „8-ми Септември“, пристигнаа пет лица, кај кои, по направените прегледи, се констатирани набиеници. Петтемина се пуштени на домашно лекување“, вели за НетПрес, Сашо Стојчев, директор на ГОБ „8-ми Септември“.

Јасмина Чабуковска, директорката на ГХБ „Наум Охридски“ за НетПрес изјави дека само едно лице е задржено на понатамошно лекување.

„Утрово околу 8 часот на клиниката беа примени 29 пациенти кои биле во автобусот број 67. Сите 29 лца се прегледани и констатирани се набиеници. Единствено кај еден пациент, жена на 50 годишна возраст, се забалежани повреди на главата и таа е задржана на понатамошно лекување. Останатите 28 лица се пуштени на домашно лекување“, изјави директорката Чабуковска.

Во Ургентниот клинички центар пак донесени се 14 пациенти од кои 8 мажи и 6 жени, на возраст од 30 до 56 години.

Сите се со полесни телесни повреди само еден е со скршеница на носот и рани во пределот на главата.

На пациентите навремено им е направено дијагностицирање на повредите и сите се пуштени на домашно лекување, освен пациентот со потешки телесни повреди кој е префрлен на Одделот за уво, нос и грло за понатамошен третман.