50.000 евра од Градот за поплавените подрачја

За санирање на штетите од поплавите кои ја зафатија нашата земја, Град Скопје од својот буџет ќе донира 50.000 евра. На иницијатива на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, градските советници едногласно ја изгласаа одлуката, за која беше свикана вонредна седница.
Советниците се едногласни дека се потребни интервенции во инфраструктурата низ целата земја, за да можат кризните подрачја да превенираат поголеми штети од елементарни непогоди.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Дамјан Манчевски, побара зголемување на паричната помош од 50.000 на 200.000 евра, пари, кои според него би можеле да се пренасочат од буџетските резерви за непредвидливи расходи околу воведување на трамвајско решение на градот, со образложение дека овој проект годинава најверојатно нема да се реализира. Но, по кратката координација со градоначалниот и стручните служби, Манчевски го повлече предлогот, бидејќи како што наведе,  постигнат е договор во иднина Градот дополнително да одвои повеќе пари за поплавените подрачја.