Македонија

50 милиони евра инвестиции за подобрување на железничкиот сообраќај

50 милиони евра инвестиции за подобрување на железничкиот сообраќај

Околу 50 милиони евра се инвестирани во железницата, со што се отвораат нови можности за компаниите и се подобрува удобноста на патниците.

Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски и потенцираше дека ваков износ не се инвестирал во последните 40 години.

-Досега се испорачани сите 150 товарни вагони чија вредност е 14 милиони евра, а од средината на јули па до крајот на годината следува етапно и постапно доаѓањето на шесте композиции, патнички вагони, коишто се во вредност од 25 милиони евра и коишто ќе го обноват патничкиот возен парк во Република Македонија во две третини од целиот патнички возен парк, изјави Груевски.

Премиерот посочи дека следната година се планира постапка и за последната третина, а за околу два месеци од сега се планира почеток на постапка за обнова на локомотивите.

-За постапката за обнова на локомотивите ќе се инвестираат околу 8 милиони евра, како и за обнова и реконструкција на железничките хали за околу 3 милиони евра. Се ова заедно е 50 милиони евра инвестиција во железницата, што е износ којшто не се инвестирал во таков износ во последните 40 години, потенцираше Груевски.

Тој додаде дека ова е добро за конкурентноста на македонската железница, но и за удобноста при патувањето на патниците и новите можности кои компаниите ќе ги имаат со товарните вагони.