52 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Во недела навршуваат 52 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. По тој повод, во недела, ќе бидат реализирани повеќе активности со што ќе се одбележи годишнината од земјотресот што пред 52 години го остави главниот град во урнатини.

Во недела, во 10 часот, на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на загинатите во катастрофалниот земјотрес ќе биде положено цвеќе од страна на официјални делегации и претставници на институции.

Како што информира Град Скопје, во текот на истиот ден ќе биде организирана и традиционалната крводарителска акција од страна на Црвениот крст. Граѓаните ќе може да даруваат крв и да спасат нечиј живот, во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на град Скопје, во ДХО „Даре Џамбаз“, од 9 до 17 часот.

Активностите за одбележување на годишнината од катастрофалниот земјотерс во Скопје ќе продолжат и во текот на вечерта. Во Музеј на град Скопје, во 19 часот, ќе се одржи литературно читање насловено како „Поетесите за својот град“.

Во 20:30 часот, градоначалникот Коце  Трајановски ќе им се обрати на присутните и ќе  ја отвори изложбата „Скопје 1963 – пред и потоа“.

Земјотресот од 1963 – една од најкатсрофалните природни непогоди

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случил на 26-ти јули 1963 година во 5.17 часот.

Во земјотресот, кој воедно е една од најкатастрофалните природни непогоди што го зафатиле Скопје и воопшто Македонија, животите ги загубиле од 1.000 до 1.100 жители, а најмалку 3.000 лица биле повредени.

Околу 200.000 лица останале без покрив над главата.

Годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје секоја година се одбележува со повеќе пригодни активности.