Македонија

52 пензионери од Ресен ќе заминат на бесплатна бања и викенд

52 пензионери од Ресен ќе заминат на бесплатна бања и викенд

Вкупно 52 пензионери од Ресен ќе ги користат поволностите од владините проекти за бесплатна бањско-климатска рекреација и бесплатен туристички викенд.

За 16 пензионери бил одобрен бесплатен викенд, кој ќе се реализира на 4 март во Отешево, додека за бањско-климатска рекреација одобрени се 36 барања, кои ќе се спроведат во две смени, од 2 до 8 и од 8 до 14 април во Дебарски бањи.

До ресенската канцеларија на ПИОМ, според раководителот на подрачната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Науме Попевски биле доставени над 65 барања, од кои некои аплицирале за двете услуги, а некои овие поволности ги користеле минатата година.

– Приоритет во изборот за користење на услугите за бесплатни туристички викенд и бањско-климатска рекреација беа пензионерите со пониска пензија, подолг стаж и оние кои досега не го искористиле ова право. Годинава беа доставени над 65 барања за користење на овие мерки, но некои имаа апликации за двете услуги, а некои беа лани, па затоа правевме селекција, изјави Попевски.

На подрачјето на општина Ресен регистрирани се околу 2.800 пензионери.