На православните Албанци не им требаат бројки од ракав

Има ли во Македонија 300.000 православни Албанци кои, главно, потекнуваат од 17 горнорекански села во западните краишта на нашата земја? Со години потврдно тврдење за ваквата теза постојано искажува Бранко Манојловски, нашиот сограѓанин од мавровското село Kиченица и кој е еден од предводниците, да кажеме, на националното разбудување на православните Албанци во Македонија. Да бидеме искрени, досега за оваа категорија граѓани не се зборуваше многу во јавноста, како во македонска така и во албанската. Ако и беа спомнувани, тоа беше најчестo преку лични мислења и ставови на одредени интелектуалци во колумни и други пишани форми или јавни настапи. Сега веќе постои и цело друштво што го носи името на познатиот албански писател Јосиф Багери, кое се залага за нивната општествена еманципација, таму е почесен претседател и Манојловски, а оваа категорија граѓани с` почесто се спомнуваат и во партиските активности. Две години по ред лидерот на ДУИ Али Ахмети православните христијански празници постојано им ги честита и на православните Албанци. Неодамна во јавноста беше претставено и барањето за одржувањето богослужби на албански јазик во црковните храмови, што надлежниот владика на МПЦ го прифати и што е за секоја пофалба.

Значи, во јавноста прашањето на оваа категорија граѓани очигледно доби свое место. И добро е што е така. Лично, ми се чини дека православните Албанци досега беа најневидлива и категорија граѓани што повлекуваа најмногу дилеми во јавноста. Невидливи се затоа што некако немаа некои свои препознатливи карактеристики – имињата им се најчесто македонски, голем дел од нив не зборува албански, туку македонски… а за сосема конкретни личности (на пример, поранешниот претседател на МАНУ, за познат македонски композитор и други видни личности) во јавноста отворено се зборува дека се токму православни Албанци. На одреден начин ова ме потсетува многу на случајот со Власите во Македонија, чие постоење е исто така неспорно, а за кои се зборува дека исто така се бројно многу, но кога ќе се видат официјалните статистики, бројките некако не се совпаѓаат. Kонтроверзиите кои се случуваат во однос на изјаснувањето на Македонците-муслимани ни се добро познати.

Ова што сега се прави како активност во однос на православните Албанци не може и не смее да пречи никому. Може да пречи само таму каде што почнува да ги загрозува и нарушува правата на другите граѓани и ако притоа се изнесуваат историските невистини. Лично, секогаш ми пречело тоа удирање во градите со бројките за тоа колку има граѓани од одредена етничка заедница. Сите ги знаеме калкулациите за тоа колку во земја имале луѓе што имаат влашко потекло, колку ромско, колку албанско… Процената и ставот дека сега во земјава имаме околу 300.000 граѓани, кои имаат православно албанско потекло, само се надоврзува на вакви процени, кои често се даваат од ракав и без реална основа. Ако ја прифатиме основната теза на Манојловски дека православните Албанци се во најголема мера сконцентрирани во подрачјето на Горна Река, и тоа во 17 села, тогаш може ли навистина толку лесно да се поверува дека од тој крај сега потекнуваат триста илјади луѓе. Секој ќе се согласи дека во тоа тешко може да се поверува, колку и во минатото овие села да биле населени со луѓе. Но, кога некој во јавноста упорно пласира такви бројки, тогаш е јасно дека тоа може да предизвика и непријатно чувство кај, на пример, православните Македонци, кои с` уште живеат и кои потекнуваат од тој крај. Во смисла дека некој сака да ги присвои и нив, да посегне по нивниот крај претворајќи го во зона во која живеат само и само православните Албанци. Kолку тоа етничка нервоза може да предизвика во овој крај, но и пошироко во ова време кога сите стравуваме од некакви прекројувања и нови граници, не е тешко да се претпостави.

Надоврзано со ова оди и тезата дека сегашната малобројност на православните Албанци најмногу е причинета поради „асимилацијата“ од страна на православните „славомакедонци“. Ваквата теза за асимилацијата не се пушта првпат, сме ја слушале и за други примери, како се врзува за периодот по Втората светска војна, во кој новата комунистичка власт во Македонија, едноставно, с` што може претвора во дел од македонскиот народ, кој доживувал своја национална преродба во тој период. Освен вакви тврдења за наводната асимилација, друг сигурен доказ дека таа била вршена од стана на новата власт не се изнесе и не се слушна. Можеби и ова што сега се случува ќе биде добра можност и предизвик за научната јавност да одговори кој тоа, како и кога асимилирал други народи во земјава во повоените години. Добро би било тоа прашање да се расчисти за да и на некој друг не му текне да тврди дека стотици илјади луѓе биле асимилирани од страна на „славомакедонците“.

Прашањето зошто некој човек не се изјаснува онака како што другите очекуваат од него е повеќедимензионално. Сечија национална свест се гради како резултат на повеќе фактори – од семејството, па с` до амбиентот што го прави државата преку свој образовен, културен и правен систем. Од ослободувањето, па до денес и македонските граѓани својата етничка свест ја граделе врз основа на влијание на тие главни фактори. Ако некогаш и имало одредени стравови во однос на тоа кој како се декларира национално, а прашање е какви и колкави биле, сега веќе не постојат. Секој граѓанин, па и оние за кои Манојловски посочува дека се православни Албанци, сам може да се преиспита за тоа на кој народ му припаѓа. Доволно е само да се наврати во минатото, да дознае каква традиција биле негувана во семејството и ќе го добие најсоодветниот одговор. Бројките за тоа колку има исти такви самите ќе излезат на виделина, без некој да ги вади од ракав.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски за Дневник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.