Илјада деца од семејства со социјален ризик ќе заминат на зимување

Околу илјада деца од семејства со социјален ризик ќе одат на бесплатен зимски одмор од 4. до 19. јануари, на трошок на државата, истакна на отворената владина седница министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

За децата, како што рече Спасов, обезбедени се шест дена зимување на Пелистер или пет полни пансиони. Децата ќе учат да скијаат и голем дел од времето ќе го поминат на организиран начин.

„Деновите ќе им бидат потполно организирани, согласно програма изработена заедно со Министерството за образование и наука“, рече Спасов.

Тој потенцира дека средствата и условите се обезбедени, а утре ќе биде распишан јавен повик и заинтересираните семејства ќе можат да аплицираат.

„Проектот ќе почне од 4. јануари за 1.000 деца. Ако децата имаат одредена попреченост, тогаш имаат право со нив да биде и еден родител“, рече Спасов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.