63

Тргнаа во кампања и партиите. Сега забавата е комплетна.

Што се однесува до претседателските избори, тука помалку или повеќе работата е јасна. Пред три недели, на истово ова место напишав дека СДСМ нема сериозен кандидат за претседател. Од кандидатурата на Киро и Црвенковски, па наваму, тие не можат да најдат човек кој прво себе се сфаќа сериозно за и ние, потоа, да го гледаме како озбилен кандидат за претседател на држава. Напишав, тогаш, дека Стево Пендаровски е фин и образован човек, но ни оддалеку нема капацитет да води тим, а камоли да води и претставува држава. И тоа тензична држава, каква што е македонската.

Како што кажав тогаш, тој е метафора за можни промени се додека не се појави персонално, и додека не седне на ТВ-дуел. Тогаш секој, и лично, ќе може да види дека Пендаровски нема капацитет, и дека е бледа политичка фигура која никогаш не отишла подалеку од сервисен службеник. Тоа му е врв во кариерата кој е веќе зад него.

Ако некој, што веќе наполнил 50 години, а долго е во политиката и не стасал подалеку од советник во кабинет на некој функционер… не постигнал претходно видна и забележителна кариера ни како професор, ниту како пратеник, министер, експерт во некоја област… и сега со 50 анемични и сервисни години позади себе сака, ни помалку ни повеќе, да води држава… мора да се преценил себеси, или предлагачот СДСМ навистина нема подобар избор кој би се нафатил да се бламира за нивни потреби.

Ако СДСМ нема подобар избор, ние не сме толку очајни. Ние имаме избор.
Гледам како соросоидите и медиумите под контрола на СДСМ од петни жили се трудат да направат профил, лик и карактер од Пендаровски… ама, не им оди. Никако не им оди. Како и да се обидат да го претстават и понудат на политичкиот пазар, Стево Пендаровски ќе се појави онака безличен, анемичен, со лоша вербалност и без никаков дух, визија и сјај во очите… и ќе им ги помножи проекциите со нула.

Ај и ваков каков што е, кога би имал силен и авторитативен тим до себе и зад себе во форма на Влада која би стоела зад него, па и некако. Но, ваквиот Пендаровски, без тим и владина поддршка, би бил ветрушка која би служела за тензии, вицови и заебанции.

Ние не можеме да се мериме со Америка, Германија или Русија… тоа е менаџмент на супермаркети и трговски центри… ние сме локален дуќан кој треба да планира, организира и спроведува менаџмент и политика која е соодветна на форматот. Затоа, да видиме како стојат претседателите во регионот, држави слични на нас, во вршењето на претседателските функции во однос на поддршката од владата.

Во Хрватска претседател е Иво Јосиповиќ. Исклучителен персоналитет и авторитет во неговата држава. Правник, професор и музичар. Со долга и успешна политичка кариера, учесник во сите клучни политички настани. Со Ивица Рачан ги трансформира комунистите во социјалдемократи на почетокот на деведесеттите, води политика и е дел од партискиот топ менаџмент под власта на Фрањо Туѓман, кога бил пратеник на СДП. На внатрепартиските избори, за разлика од Пендаровски кој е сам на себе противкандидат во СДП, вода остра битка за номинација на претседателските избори и го победува Љубо Јурчиќ, а и силниот загрепски градоначалник Милан Бандиќ, кој поразен излегува од партијата и на избори се појавува сам. Јосиповиќ, потоа, е избран за претседател.

Владата во Хрватска е од неговите. Ја води СДП преку неговиот пријател и соработник Зоран Милановиќ. Како истопартијци, функционираат.

Во Србија со апсолутно мнозинство победи Напредната странка на Вучиќ. Може да состави влада без да има потреба од ниту еден коалиционен партнер. При таков триумф, особено овде на Балканот, тешко е прифатливо власта да се дели со друг. Дури и кога претседателот е од твојата партија, а камоли да е политички противник. Шеф на држава од една, а на влада од друга партија, е постојан конфликт, скандали и афери во мандатот. Како што реков, особено овде на Балканот е така со децении… без исклучок.

Иако претседателот на Србија, Тома Николиќ е од иста партија со идниот премиер Вучиќ, во последниве година дена нивните погледи и ставови почнаа битно да се разликуваат… дури и да се конфронтираат. Точката на конфронтација е односот кон Русија. Претседаталот и социјалистите на Србија градат блиски односи со Русија и Европската унија, но држат силна дистанца кон НАТО од кого имаат лоши искуства. Од друга страна, идниот премиер Вучиќ целата своја програма ја потпира на поддршка од Вашингтон и арапски пари за инвестиции, што за претседателот е неприфатливо.

Нема да помине многу време, веќе од есен, очекувајте и јавни конфронтации помеѓу претседателот на Србија, Тома Николиќ, и премиерот Вучиќ, со можност за поделба во партијата, и криза на авторитетот на Српската напредна странка и владата.

Во ситуација каква што е сега, за Србија таа конфронтација ќе биде трауматична. Без соработка на двете врвни функции, авторитетот и перспективите ќе испарат како мирна вода на августовски асфалт. Земјата ќе ги загуби перспективите и единството.

Затоа, Македонија мора да влече искуства од блиските и слични држави. Кога претседателот и премиерот не би имале соработка околу неколкуте клучни државни, етнички и политички прашања… Македонија би влегла во долг нестабилен период. Доволно е само конфликт во однос на прашањето кон грчкиот ултиматум, двојазичноста на целата територија на Македонија, форсирање на некој од соседите наместо сегашниот баланс да се градат еднакво блиски односи со сите комшии, спорења околу политиката на ниски даноци и инвестициски стимулации… само ова е доволно за да паднеме на колена.

Ако се види како стојат работите, нема да има таква опасност. На изборите за претседател победува Иванов, а Груевски ќе ги добие убедливо парламентарните избори.

Но, дали е и тоа доволно за мир, и стабилност. Живот без државни кризи.
Би требало да е доволно. За навистина така и да биде, и да имаме потребна сигурност за мир, стабилност и посветеност на работа и своите блиски наместо да живееме во тензии, скандали, кавги меѓу самите Македонци, а потоа и наши со другите… како никогаш порано потребна ни е стабилна влада со натполовично мнозинство. Или, накратко речено, потребно е Груевски да има најмалку 63 пратеници по изборната победа.

Зошто е ова потребно повеќе од било кога порано.
Силен е притисокот од Брисел да се прифати грчкиот ултиматум. Иако Груевски и ВМРО не го создале проблемот кога Македонија, во 1995, се откажа од своето уставно име и со одлука на тогашното Собрание сами се крстевме ФИРОМ… сега врз него се врши притисок да ја исправа грешката на СДСМ и Црвенковски која ја плаќаме 20 години.

Од друга страна, Али Ахмети и ДУИ вршат притисок, без обврски од Рамковниот договор и спротивно на вољата на 70 проценти од граѓаните, Македонија да воведе двојазичност на цела територија. И во Штип, Струмица, Кочани, Велес, Кавадарци, Битола Охрид, Гевгелија… Албанскиот јазик да се употребува во секојдневниот службен живот.

Има и други… но, само овие две причини се доволни да се гласа за Груевски и неговата коалиција на овие избори. Да добие најмалку 63 пратеници, и да не зависи од вољата на Али Ахмети кој би ја урнал владата кога ќе му се посака за да се задоволи грчкиот ултиматум кој на Албанците и онака не им значи ништо, и за да се воведе двојазичност во цела Македонија, која Македонците би ги однела во тешка фрустрација, загрозен идентитет, и конфликти со албанската етничка зедница во државава.

Дали гласањето за СДСМ, или седењето дома на избори, е навистина толку голема причина да се ризикува сопствената и државна иднина наредните години… дали тој инает вреди таква цена, и загуба која никогаш, никогаш потоа не може да се надомести.
Ако си Македонец, знаеш што треба да правиш…

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер