ФК Пелистер со нов сопственик

Фудбалскиот клуб Пелистер од Битола има нов сопственик, нов претседател на управата, нов тренер и неколку нови фудбалери, изјави Зоран Мишевски, портпарол на клубот.

Процедурата за купопродажба на ФК Пелистер е завршена и во иднина 51 насто од акциите ќе ги имаат група битолски бизнисмени, додека останатите 49 насто остануваат во сопственост на општина Битола, потврди Мишевски.

Управата на клубот ќе има седум члена, од нив 4 на претставниците на мнозинскиот пакет акции, а 3 претставници ќе делегира општината. Прв човек на управата во иднина ќе биде бизнисменот Димче Шеровски, кој оствари средба со новиот тренер Марјан Секуловски, но и со фудбалерите кои од вчера се засилени со Менде Степановски кој дојде од ФК Напредок-Кичево и Гоце Тодоровски од ФК Еуромилик-Скопје.

Со завршувањето на купопродажната процедура на ФК Пелистер и со интезивирање на процесот на задолжителната реконструкција на фудбалскиот стадион, се очекува ФФМ да ја повлече одлуката за забрана за играње на прволигашки фудбалски натпревари во Битола, односно дербито од првото коло меѓу Пелистер и Вардар да се одигра на стадионот под Тумбе Кафе, истакна портпаролот на ФК Пелистер-Битола, Зоран Мишевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.