Иџе со “Македонија” ја прослави титулата во Бузет

Игор Стефановски-Иџе е херојот кој е заслужен за најголемиот успех во историјата на македонскиот автомобилизам. Тој го освои второто место во групата N на последната трка од Европското првенство на ридски патеки што викендов се возеше во Бузет, Хрватска. Со тоа популарниот Иџе стави точка на најуспешната сезона во неговата кариера освојувајќи ја шампионската титула во Категоријата 1 со вкупно освоени 236 бода, односно 8 победи на вкупно 12 трки. Во конечниот пласман второто и третото место го освоија Чесите Јаромир Мали со 187,5 бода и Јири Лос со 169 бода.

Инаку Стефановски за време на целиот викенд во Бузет беше третиран како вистинска ѕвезда, а домашните навивачи заедно со 100-ната македонски кои допатуваа со Иџе во Хрватска, направија пеколна атмосфера која само го разубави целокупниот амбиент.

На трката, во групата N, минатогодишниот европски шампион во оваа категорија, Томислам Мухвиќ остана непобедлив на домашен терен. Во првото возење постигна одлично време од 2:42.245, две секунди подобро од Стефановски кој извозе 2:44.241. Сакајќи да ја прослави титулата со пласман, Иџе реши да не ризикува во второто возење, па се спушти само со 2:43.940, а Мухвиќ го потврди првото место со 2:43.319.

Инаку во моментот кога пристигна на целта, организаторите во негова чест ја пуштија песната “Македонија”, со што атмосферата на и околу патеката кулминираше, па Иџе излезе од автомобилот и заедно со своите фанови ја запеа песната.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.