Aнкета на ИРИ: ВМРО-ДПМНЕ со рејтинг од 29 отсто, а СДСМ само 10 отсто

Aко утре би се одржале парламентарни избори, владејачката ВМРО-ДПМНЕ би освоила 29 отсто од гласовите, опозициската СДСМ 10 отсто, ДУИ 13 отсто, а ДПА само 3 отсто од гласовите, покажува најновата анкета на Меѓународниот Републикански институт (ИРИ), направена во септември, годинава.

Премиерот Никола Груевски ужива убедливо најголема доверба меѓу граѓаните, односно 22 отсто, потоа следуваат Али Ахмети со 9, Зоран Заев со 4, Ѓорге Иванов со 3, и Бранко Црвенковски со 3 отсто. По два отсто рејтинг имаат Мендух Тачи, Руфи Османи и Радмила Шекеринска, додека претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски има рејтинг од само 1 отсто. Со договор дека немаат доверба во ниту еден политичар, се изјасниле 27 отсто од испитаниците во анкетата.

На прашањето како би ги оценеле политичките сибјекти доколку употребите оценки кои се користат во училиште, оценката за Владата изнесува 2.71, за претседателот Ѓорге Иванов 2.8, додека за опозиција 1.99.

Дека немало никакви притисоци на изборите сметаат 72 отсто од граѓаните, наспроти 15 отсто кои сметаат дека имало, односно познавале луѓе кои тврдат дека имало притисок. Само 7 отсто почуствувале личен притисок.

Одговарајќи на прашањето кое е најважно прашање во надворешната политика на Република Македонија, 28 отсто сметаат дека тоа е признавање на името, 25 отсто мислат дека тоа е почнување на преговори со ЕУ /интеграција во ЕУ, 22 отсто се одлучиле за зголемување на странските инвестици, 11 отсто сметаат дека тоа е членство во НАТО, 8 отсто односите со соседите ги сметаат како најважни, додека за друго се одлучиле 1 отсто.

60 отсто од испитаниците одговориле дека невладините организации се под влијание на политички партии, а 25 отсто одговориле со не знам , додека 16 отсто дека НВО-та не се под влијание.

На прашањето „Која партија е најактивна во твојот град/село?“, за ВМРО-ДПМНЕ одговориле 53 отсто, додека за СДСМ само 6 отсто. Дури 25 отсто од испитаниците одговориле дека главен извор на вести име интернетот, 18 отсто телевизијата, радиото 10 отсто, весници 16 отсто, а 21 отсто дека главен извор на вести им се семејството и пријателите.