Штрајк на полицајците во Србија

Полицискиот синдикат во Србија утринава започна со штрајк, со тоа што ги извршува само најважните работи на терен. На протестот се приклучиле 91, 6 отсто од вработените, изјави денеска претседателот на Независниот полициски синдикат на Србја, Момчило Видојевиќ.

Тој истакна дека не се извршува ништо од оние редовни должности како издавање на документи и приведување, освен затекнати во некое тешко кривично дело.

Според него, во многу полициски управи вработените добиле слободен ден за да не се водат дека штрајкуваат.

Полицијата бара продолжување на постоечкиот Посебен колективен договор до потпишување на нов, исплата на заостанати долгови на вработените во МВР во вид на надоместок за доаѓање и заминување од работата и исплата на јубилејни награди. Тие исто така бараат од министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ да не применува дополнително намалување на заработувачката.