„9-ка“ на нова траса поради изградбата на подземната сообраќајница под Јужен булевар

Од утре во следните шест години, поради изградбата на подземната сообраќајница зад ТЦ „Рамстор“ и Стара железничка станица, односно под Јужен булевар, автобусите на линијата „9“ ќе сообраќаат по нова траса, извести Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје.
Изградбата ќе ја изведува компанијата „Лимак“, која го гради деловно-станбениот комплекс долж улицата Јордан Мијалков.

Автобусите кои од Клинички центар одат кон Скопје Север отсега нема да се вклучуваат од улицата Јордан Мијалков во Јужен булевар туку ќе продолжуваат право сè до Урбан парк близу подвозникот, каде ќе вртат лево по сервисна уличка и потоа ќе се вклучуваат на Јужен булевар и ќе продолжат по редовната траса.

Автобуската постојка што сега е на Јужен булевар кај Катната гаража „Македонска фаланга“ ќе се премести на улицата Јордан Мијалков и ќе биде поставена близу кафеаните кај Урбан Парк.