Невработените заинтересирани за започнување на занаетчиски бизниси

Скопје, Куманово, Прилеп и Битола се градовите од каде Агенцијата за вработување ќе бира занаетчиски проекти според програмата за самовработување со грантови.

Директорот на Агенцијата, Влатко Поповски, вели дека во октомври бил направен сублимат на неискористени средства и за кои било одлучено да бидат пренаменети за лицата кои се на резерваната листа на чекање за самобработување со грант.

„Овие средства ќе бидат распределени за лицата кои аплицирале на огласот кој се објавува еднаш годишно за самовработување со грантови. Оние кои нема да бидат избрани ги охрабруваме да аплицираат на огласот во 2015 година. Паричните средства се расределени на тој начин што за вработување се одвојуваат по 183 илјади денари, а додека пак за опцијата дополнително вработување се добиваат по 91 илјада денари“, изјави Поповски.

Слободанка Алексоска, раководител на Центарот за вработување на Град Скопје, изјави дека интересен е фактот што невработените лица најчесто се заинтересирани за отворање на занаетчиски бизниси.

„Од добиените апликации можеме да утврдиме дека најголемата заинтересираност кај невработените лица е за отворање на занаетчиски бизниси, како фризерски и козметичарски салони, тапетари, тапацери, молери и многу други. Според нашите информации од 2007 година па се до 2013 отворени се 5.830 бизниси за самовработување со грант. Дека оваа мерка е позитивна ни покажува и фактот дека од оваа бројка, 1.813 се млади лица“, рече Алексоска.

Од АВРМ додадоа и дека бројот на активни баратели е зголемен поради тоа што многу лица кои се наоѓале на пасивната листа се префрлиле во активната, како и поради истекувањето на казните за ненавремено пријавување на невработените лица, но и завршувањето на сезонските договори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.