Со 99.8 проценти на референдум 9. јануари е избран како „Ден на Република Српска“

– Денеска напишавме уште една страница од нашата славна историја и кажавме дека сме народ кој се бори за слобода, за своето право, правото што го извојувавме и кое никого не навредува, изјави синоќа пред своите приврзаници во Пале, крај Сараево, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој овој дел од Босна и Херцеговина го нарече „држава“, пишува белградскиот весник „Блиц“.

Согласно Дејтнсккиот мировен договор,со кој заврши војната во Босна и Херцеговина во 1995 година, Босна и Херцеговина е составена од два административни дела – хрватско-муслиманската Федерација БиХ и Република Српска.

Додик изјави дека Република Српска е создадена како „последица на распадот на Југославија“ и дека слободата на српскиот народ е „гарантирана само тогаш кога тој имал држава“.

– Затоа републиката како држава е важна. Република Српска е држава. На училиште учев дека има три основни критериуми, според кои нешто може да се нарече држава, а тоа се: територија, ефективна власт и народ, кој ја сака таа држава. Што и недостига на Република Српска? Ништо, изјави Додик, цитиран од „Блиц“.

„Вечерње новости“ го потенцира одговорот „да“ на Додик на прашањето дали ќе има референдуми за судот и обвинителството.

– На Бакир Изтебеговиќ му беше даден најдобриот одговор. Би било пригодно тој денеска да молчи, но тој веќе почна да крева врева, рече уште Додик.

Изетбеговиќ синоќа изјави дека референдумот е израз на инаетот на Милорад Додик, кого го очекува судбината на Садам Хусеин, Моамер Гадафи и Слободан Милошевиќ, пишува „Новости“.

Изетбеговиќ смета дека ќе следи реакција од меѓународната заедница.

– Видивме како предизвикуваат Хусеин, Гадафи и Милошевиќ и што им се случи, рече тој.