Колумни

А сакав само за фудбал да пишувам

А сакав само за фудбал да пишувам

Додека топката е во лет, да ви ја соопштам мојава саботна колумна! Врне. Не запира. Манаус ми е, двор ми е. До скоро од прозорецот гледав детско игралиште, сега таму никнала прашума. На ракава ми порасна чадор. Го отворам со брзина на џедај. Веќе не одрекувам со „не“, туку со „Ное“. Во мислите си избирам по две најубави жени од секој влез, од секоја улица. Сонувам како ги крадам арките на Вардар и со моите Амазонки заминувам кон зајдисонцето. Тоа само на сон, оти зајдисонце со денови немам видено. Среќна околност е што наскоро ќе дојдат денови за одмор, па голем број Македонци ќе го почнат својот летен христијански аџилак наречен „Љуби го ближниот Грк“. Ние што ќе останеме дома деновите ќе ни тонат во порој како шпанска репрезентација во фудбал.

Инаку, кога сме веќе кај фудбалот, фала му на бога што го има. Гледаме добар фудбал. Многуте голови некако ги покриваат лошите судски одлуки. Шпанија е истрескана од земја како Французите кога бранеа шампионска титула. Тика-така ис дед! Чув многумина што сакаат во финале да ги видат Бразил и Аргентина. Ако судиме според покажаното, ќе биде тоа совршено здодевно финале, како она од Лигата на шампионите кога играа Милан и Јувентус. Сега за сега, Бразил и Аргентина разочараа со своето здодевно тактизирање. Чиле и Колумбија ја бранат честа на Јужноамериканците. Ако не се промени нешто, може да видиме европски екипи на врвот. Холандија и Италија изгледаат опасно со своите подмладени екипи. Германија вообичаено изгледа застрашувачки. Белгија и Франција не смеат да се заборават. Хрватска, Мексико, Чиле и Босна играат прекрасно. И да не отидат далеку, задоволство е да се гледаат. Творците на ренесансата на африканскиот фудбал, Камерун и Нигерија, играат лошо, честа на Африка ја бранат Брегот на Слоновата Коска и Гана. Уф, творци на ренесансата, си зазвучив како Златко Калински. Не знам за вас, ама јас уживам во коментарите на Златко и Дарко.

Тоа на едната страна од светот. На другата страна смрт, крв, масакри. По жетвата на САД низ Ирак, по орањето на ЕУ низ Украина, ги гледаме нивните плодови. Тоа се нашите меѓународни пријатели. Не Ирак и Украина, тие ни се пријатели по историско страдање. САД и ЕУ, нашите стратегиски партнери. САД и ЕУ, нашите меѓународни пријатели и стратегиски партнери… добре дојдовте во флоскулната моронштина на македонското секојдневие. Тукашниве ЕУ-митомани и натофили можат да тргнат на крстосување од Мосул до Славјанск, да ја сркаат демократската манџа со запршка од хуманост. Да не мислите дека паднаа од небо оние вооружени лудаци од ИДИЛ што масакрираат низ Ирак? Добро знаеме од чии кампови за обука тргнаа, па преку Арапската пролет и граѓанската војна во Сирија, како до Ирак стигнаа. Сега Американците од небо ќе ги тепале. Ќе се справат со нив како што се справија со Талибанците. Да сакаа ќе се справеа, ама целта не им беше тоа. Туку, кутри Ирачани и Украинци!

Пред некој ден слушнав дека демонстрантите од Мајдан сите до еден биле на платен список. Кој за педесет, кој за сто евра, зависи веројатно во кои борбени редови биле на „спонтаната“ револуција во која Нуланд и Ештон спонтано грееја чајчиња. Нашите меѓународни пријатели. Демек ширеле демократија таму кај што живееле дивјаци. Уште оној Шилегов ми ги вика да посредувале меѓу нивните договори со ВМРО-ДПМНЕ. За него веројатно ЕУ и НАТО се локумот послужен со кафето што Груевски и Заев ќе го пијат. Нашите стратегиски партнери со кои ние учествуваме во сите нивни гнасни окупации, демек шириме демократија таму кај што ја нема. Зошто тогаш Владата не направи едно роуд шоу низ Авганистан, па таму ние жнеевме демократија, нели? Али Ахмети со цело УЧК од ДУИ итно да оди во Ирак, каде што неговото НАТО донесе слобода, па малку да уживаат во идилата на ИДИЛ. Заев да фати пеш до Мосул и да го збратими со Струмица. Не сум циничен, па таму Американецот и Македонецот рамо до рамо демократија и просперитет донесоа. Лидија Димова и Љубомир Фрчковски сакам да ги видам како универзитетски професори во Ирак, да им предаваат на ирачките деца за широкоградоста на „меџународната“, која им донесе љубов, мир и спокој. Геро можеме да го пратиме да ги убеди шиитите и сунитите да најдат компромис со посредство на ЕУ. Секако, и МАНУ може да оди таму. Заеднички да ги чествуваат 4 јули и 9 мај, ама оној новиот 9 Мај, Денот на факинг Европа.

Кога сме кај МАНУ, афтер Камбовски, еве го и Клековски. Го повикува претседателот Иванов да го канел бугарскиот колега заедно да славиме Илинден. Демек како што денот Д го славеле победниците и победените. Демек ако ги викнеме Бугарите, тоа немало да му даде на Илинден македонски или бугарски карактер. Па зошто тогаш да не поканиме Ескими наместо Бугари? Или Турци, што е пологично? А каков карактер има востанието ако не македонски? Ај сега Клековски нека ѝ објасни на јавноста каква врска имаат Бугарите со Илинден? Учествувале? Победиле? Тетка му на Питу Гули била Бугарка? Востаниците користеле бугарски витамини? Спомнати ли се Бугарите во Крушевскиот манифест? Или всушност треба да признаеме дека востанието имало бугарски карактер? Богами нешто зачестија кај нас вакви, демек созреани визионери. Чудно е што нема вакво визионерство во Бугарија, па да се најде некој Камбовски или Клековски меѓу нив и да повика, што знам, еве дека постои македонско малцинство таму.

А само за фудбал сакав да пишувам. Ама инфициран сум со оние страшни болести на модерното време. Сите од ред ги имам. И антиглобализам, и евроскептицизам, и натофобија, и пацифизам, сите до една опасни мутации на антифашизмот. Симптомите се страшни. Не се палам на евроинтеграции и НАТО-окупации, добивам хронична дијареја од неолибералниот капитализам, имам гадење и силно повраќање од новиот светски поредок. Башка се будам и заспивам со мислата, „прави му го на другиот она што тебе сакаш да ти го прават“. Може треба да ми се забрани јавно да пишувам и итно да се хоспитализирам.

Пишува: Александар Русјаков за Нова Македонија