Абас го повикува Блискиот исток против признавањето на Ерусалим

Претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас во понеделникот ги засили своите апели околу збивањето на редовите на блискоисточните земји против американското признавање на Ерусалим за израелска престолнина, започнувајќи ги своите средби со арапските челници во египетскиот главен град Каиро.

Првата средба на палестинскиот челник Махмуд Абас беше со египетскиот претседател Андел Фатах ал-Сиси кој беше клучниот посредник во минатите мировни преговори меѓу Израел и палестинските фракции Фатах на Абас, која го контролирал Западниот брег, и исламистичкото движење Хамас, кој управува со појасот Газа, кои требаше наскоро да ги надминат децениските меѓусебни несогласувања кои доведоа до раба на меѓупалестинска граѓанска војна.

Египет, заедно со Јордан, се единствените арапски земји кои имаат воспоставено дипломатски односи со Израел.

Абас и Сиси договорија продолжување на координацијата на високо ниво и најавија дека ќе го искористат широко распространетото одбивање на американскиот потег за да ги заштитат правата на Палестинците, соопшти кабинетот на египетскиот претседател.

Арапските земји ја осудија минатонеделната одлука на Вашингтон за признавање на Ерусалим за израелска престолнина и се обврзаа дека ќе извршат притисок врз меѓународните тела против одлуката. Арапската лига во понеделникот одржа вонредна седница на оваа тема во Каиро, пренесе египетската службена новинска агенција MENA.

Сиси по одвоените разговори со рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот во Каиро, рече дека американското преселување на амбасадата во Ерусалим ќе има „опасни последици за мирот и безбедноста во регионот“.

Абас нема да се сретне со американскиот потпретседател Мајк Пенс во текот на неговата посета на Блискиот исток подоцна во декември, истакна во саботата палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малики, а тоа го најавија и највисоките челници на муслиманите и православните христијани во Египет.