Абас: Затворањето на џамијата Ал Акса е објавување војна

Израелското затворање на џамијата Ал Акса во Ерусалим по обидот за убиство на еврејските активисти претставува објавување војна, изјави денеска палестинскиот претседател Махмуд Абас.

– Таквата опасна израелска ескалација е објава на војна на палестинскиот народ и нивните свети места и на арапските и исламските нации, рече портпаролот на Абас, Набил Абу Рудеин.

– Ја сметаме израелската Влада за одговорна за оваа опасна напнатост во Ерусалим, која достигна кулминација со затворањето на џамијата Ал Акса, изутрината, додаде тој.

Портпаролот на Абас нагласи дека таквата одлука е опасна и оти ќе предизвика зајакнување на напнатоста и нестабилноста и ќе доведе до создавање на негативна и опасна атмосфера.

– Државата Палестина ќе ги преземе сите законски мерки Израел да стане одговорен и да ги спречи овие напади, додаде тој.

Израел рано изутринава го затвори комплекост Ал Акса за сите посетители и за евреите и за муслиманите, по синоќешниот инцидент, кога маж на мотоцикл се обидел да го убие еврејскиот ултранационалист Јехуд Гилк, кој се бори за правото на еврејските верници да се молат во комплексот Ал Акса во Стариот град. Неколку часа по тој инцидент израелската полиција ја опколи куќата на осомничениот Палестинец и во размената на оган го уби.

Во меѓувреме израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди во Ерусалим значително да се зголеми бројот на полициските сили.