Абердин предупредува: “Балистите” напаѓаат играчи и тренери

Шкотски Абердин ќе се соочи идниот четврток во Скопје со Шкендија во првото квалификациско коло во Лига Европа, а седум дена подоцна, ќе ги дочека тетовските црвено-црни на свој терен, а Шкотите при претставувањето го посочија својот противник по – озогласените навивачи!

“Абердин ќе се соочи со тим познат по озогласени хулигани во првото коло за Лига Европа. Навивачите на Шкендија се нарекуваат “Балисти”, именувани по националниот фронт во Втората светска војна “Бали Комбетар”, кои имаа блиски односи со нацистите. Како дополнување, противнички играчи и тренери беа нападнати во последните години”, пишува “Ивнинг експрес”.

Весникот направи хронологија на инцидентите на “Балистите”, потенцирајќи дека клубот од Тетово е формиран во 1979 година од Албанците, кои останале лојални на своите корени и кои постојано ја пеат албанската химна пред почеток на мечевите на својот тим.

Во април 2008 година, Шкендија се бореше за опстанок, а на мечот со Работнички, тетовци мораа да победат. При 1:0 на полувреме противниците се повлекоа откако беа нападнати. Мечот беше прекинат, а Шкендија испадна.

Во сетември 2011, навивачите на Шкендија ги нападнаа навивачите и играчите на Охрид на полувреме. Клубот доби суспенсија од два меча.

Во март 2012 година, двајца навивачи на Шкендија биле уапсени откако избоделе полицаец, додека штителе двајца други од приведување. По инцидентот, “Балисти” се заканија со големи нереди на дербито против Вардар, по што мечот не се одигра и беше презакажан за друг датум и без гостински навивачи.

Во мај 2013 година, финалето на Купот беше прекинато помеѓу Шкендија и Тетекс, поради скандирања кои можеа да предизвикаат насилство. Навивачите на Шкендија ја исвиркаа химната на Македонија, а со пиротехника ги гаѓаа полицијата и обезбедувањето.

Во април 2015 година, Шкендија доби казна за напад врз тренерот на Тетекс, Горазд Михајлов со забрана за присуство на гледачи, а дополнување беа политичките пароли.

Извор: Спортмедиа.мк