Свет

Абхазија – обид за државен удар

Абхазија – обид за државен удар

Претседателот на автономниот грузиски регион Абхазија -Александар Анкваб, објавил дека бил направен обид за државен удар, пренесе АФП.

Во вторникот опозицијата најавила дека  привремено ja презема власта, а нејзините поддржувачи се обиделе да ја преземат контролата над државните згради.

Ова се случило откако вчера лидерот на опозициската партија “Форум на народно единство” Раул Ходжимба изјавил дека координативниот совет на опозициските партии и движења одлучил привремено да ја превземе  власта, а поддржувачи на опозицијата се обиделе да ја превземат контролата над државните згради.

Претходно во текот на денот во главниот град на Абхазија, Сухуми, се одржал митинг на опозицијата, на кој била побарана оставка на Владата, на јавниот обвинител и на раководителите на источните области на земјата. По неуспешните преговори меѓу претседателот и опозицијата, Хаджимба најавил дека Координативното тело привремено го презема раководењето со  републиката и ќе се зафати со формирање на сите потребни структури во Абхазија. Опозициските активисти упаднале во зградата на претседателската администрација. Анкваб успеал да избега од неа, а подоцна се согласил да ја распушти владата, но одбил самиот тој да поднесе оставка.

Во интервју за телевизијата “Абази-ТВ” претседателот денеска ги оценил вчерашните настани како обид за силно преземање на власта. “Од правна гледна точка тоа е вооружен обид за преземање на власта”, рекол Анкваб истакнувајќи дека “се уште постои шанса за враќање на ситуацијата во правната рамка”.

„Со членовите на Советот за безбедност ги разгледуваме можностите за развојот на настаните. Целта ни е да не дозволиме развој на сценарио што би било непоправливо за нашата земја“, истакнал тој. Анкваб не ја открил локацијата, рекол само дека се наоѓа во Абхазија.

Секретарот на абхазискиот “Совет за безбедност” Нугзар Ашуба исто така вчерашните настани ги окарактеризирал како обид за државен удар. Тој најавил дека на преговорите одржани вчера вечерта меѓу претседателот Анкваб и лидерите на опозицијата била постигната спогодба. Но таа била обезсмислена од нападот на приврзаници на опозицијата против зградата на претседателството. При нападот неколку лица биле повредени.

Денеска неколку илјади приврзаници на опозицијата повторно побараа оставка на претседателот и владата. Опозицијата го критикува Анкваб за продлабочувањето сиромаштија и корупција. Актуелниот претседател Анкваб беше избран во 2011 година со петгодишен мандат.

Парламентот требало да свика вонредна седница за наоѓање излез од кризата, но поради недостиг на кворум не успеале. Тој, сепак, усвоил обраќање во кое го повика народот, раководството и сите политички сили на републиката кон конструктивен дијалог “за зачувување на националниот договор и стабилноста во земјата”, пренесе ИТАР-ТАСС.

Денеска стана јасно дека Русија итно испраќа во Абхазија  двајца високи претставници на Кремљ. Станува збор за Владислав Сурков и Рашид Нургалиев, соопшти Абхазиската новинска агенција Апсни прес. Сурков е близок советник на рускиот претседател Владимир Путин, одговорен за односите со Абхазија и Јужна Осетија. Нургалиев е поранешен министер за внатрешни работи, а сега заменик секретар на Советот за безбедност на Русија.

Во изјавата руското Министерство за надворешни работи се истакнува дека Москва со внимание и загриженост ги следи настаните во Абхазија.

На крајот на април претставници на координативниот совет на опозициските партии и јавни организации во Абхазија побарале од претседателот да ја распушти владата, а во текот на месецот да подготви и донесе амандмани на уставот за пренесување на дел од претседателските овластувања на парламентот и владата на републиката. Тие исто така, побарале државниот водач да го разреши јавниот обвинител и шефовите на неколку регионални администрации. Тогаш од прес-службата на Претседателството изјавиле дека “Александар Анкваб смета дека обвинителните акти и слични ултимативни барања се неприфатливи и непродуктивни”.

Абхазија се отцепи од Грузија во војната од 1992-93 година по распадот на Советскиот Сојуз, потсетува Ројтерс. Москва го призна сепаратистичкиот грузиски регион за независна држава, откако во 2008 година се водеше петдневна војна со Грузија и со тоа ја засили контролата над регионот. Само неколку земји во светот ја признаа Абхазија за независна држава.

Противниците на претседателот Анкваб, избран во 2011 година, како што се тврди, преживеан по неколку заседи, го обвинуваат за корупција и апсолутистичко управување, како и тоа дека се потпира на премногу помош од Москва. Дел од неговите политички противници инсистираат Абхазија да стане дел од Руската Федерација.