Абот повеќе не е австралиски премиер

Премиерот на Австралија, Тони Абот денес е сменет од лидерската функција во неговата Либерална партија, а по автоматизам и од функцијата премиер од неговиот остар политички противник и министер во Владата, Малколм Тарнбол.

На набрзина организирано гласање во партијата, што во Канбера се означува како „крајно непријателско“, пратениците либерали се определија за Тарнбол, кој доби 54, наспроти Абот, кои освои 44 гласови.

Тарнбол претходно на прес-конференција, побара јавно да се гласа за доверба на Абот, оценувајќи дека тој ја нема подршката на домашните гласачи и подолго време има низок рејтинг.

Малколм Тарнбол е деклариран како остар политички противник на Абот и критичар на неговата и на работата на министерот за надворешни работи Џули Бишоп.

Според Тарнбол, дошло време за промена затоа што на Австралија и треба нов лидер и нов тип на лидерство, а посебно кога станува збор за состојбите во домашната економија.

– Доколку Абот остане лидер на партијата, сегашната владејачка коалција ќе загуби на идните парламентарни избори, од лабуристичката опозиција, рече Тарнбол во Канбера.

Набрзина изведеното гласање за доверба доаѓа како изнендување и се смета за „партиски пуч“, затоа што само Абот како партиски лидер, можеше и требаше да одлучи дали ќе го прифати предизвикот и гласањето за доверба, како и времето кога тоа ќе се одржи.

Тони Абот „преживеа“ едно гласање за довреба пред седум месеци, кога Тарнбол исто така беше еден од покренувачите на иницијативата.

Новиот лидер на австралиските либерали и нов премиер, Малколм Тарнбол ќе биде и формално на двете функции, откако Абот ќе се повлече и ќе му поднесе оставка на премиерската функција, на генералниот гувернер на Австралија.

Австралиските полиитчки аналитичари за новата криза на владејачките либерали, потсетуваат на „дебаклот“ на лабуристите, по „војната“ што се водеше внатре во партијата, околу тоа кој е подобар лидер. Џулија Гилард, на едно вакво внатрепартиско гласање, го смени дотогашниот премиер Кевин Рад и го презеде водството со Владата. Подоцна Рад, на истиот начин и возврати и се врати на премиерската функција, но на парламентарните избори Лабуристичката партија доживеа тежок пораз.

Состојбите во Либералната партија, навестуваат дека и кај нив може да се случи истото, што сигурно би водело до нивни изборен пораз.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.