Абутовиќ уште три сезони во РК Вардар

Еден од најдобрите одбранбени ракометари Илија Абутовиќ, ќе биде дел од Вардар и во следните три сезони, откако раководството на македонскиот шампион со левиот бек кој најчесто има одбранбени задачи договори да остане во клубот најмалку до јуни 2020 година, објавено е на интернет странциата на клубот.

Неговите добри игри сезонава беа препознаени и од ЕХФ и тој е вклучен меѓу кандидатите за најдобар одбранбен играч во лигата на шампионите. Важи за голем и бескомпромисен борец, кој својот придонес во играта го покажува најмногу преку одбранбените задачи. Тој е важен дел од одбранбениот бедем пред голот на Вардар.

Абутовиќ од 2011 година е дел од Вардар и беше дел од најголемите клупски успеси, меѓу кои и трите титули во СЕХА лигата, трите настапи во четврт-финалето на Лигата на шампионите, пласманот на Ф4 турнирот во ЛШ и неколкуте шампионски и куп титули во домашното првенство.

 

„Одбраната секогаш е важен дел во играта, а токму Илија Абутовиќ е еден од нашите најдобри играчи. Секоја година Вардар игра сѐ подобра одбрана, и токму Абутовиќ е еден од главните играчи таму. Со неговото останување во клубот веруваме и одбраната ќе продолжи на истото ниво, па дури и подобро во иднина“, изјави за интернет страницата на РК извршниот директор Давор Стојаноски.