Аце Коцевски треба да ѝ објасни на јавноста како стекнал толкав имот

Веќе четири дена во јавноста се објавуваат документи и информации со сериозни обвинувања за Аце Коцевски, кандидатот за градоначалник на СДС за Општина Велес. Наместо одговор од негова страна има само молк. Милионерот Аце Коцевски се крие од јавноста и не дава никакви одговори, изјави Александар Тргачевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Господине Аце Коцевски, вие сте должен да одговорите на граѓаните, а особено на велешани за наводите што изминативе неколку денови излегоа во јавноста. Објавени се сериозни документи со конкретни податоци каде што стои вашето име. Должен сте да и објасните на јавноста како успеавте да се стекнете со толку голем имот за толку кратко време. Вие господине Коцевски сте должен да дадете одговор како, само после неполни две години од завршување на градоначалничката функција, успеавте да купите градежно земјиште вредно 100.000 евра, рече Тргачевски.

Исто така, на јавноста и должите објаснување како градите објект вреден 800.000 евра и како сте изградиле две дивоградби на вашето градежно земјиште од безмалку 5.000 метри квадратни.

-Јавноста чека одговор од вас, господине вечен кандидат за градоначалник на Општина Велес, како вршите дејност во објект кој не е ставен во употреба и не е запишан на имотен лист. Излезете господине Коцевски и дадете објаснување како во само 4 години остваривте приходи на вашата градежна фирма од скоро ‎2.000.000 евра, а на своите вработени им давате плата од 9.500 денари. Аце Коцевски целиот свој живот извршува различни јавни функции од кои еден мандат како пратеник и 9 години како градоначалник на Велес, рече Тргачевски.

Тој сега повторно е кандидат за градоначалник и поради тоа има обврска да одговори на сите овие прашања.

-Должен е да даде одговор бидејќи човек кој сака да биде градоначалник не може истовремено да гради дивоградби. Не може човек што сака да биде градоначалник во исто време да се занимава со градежен бизнис и да гради градежна империја. Господине Аце Коцевски, дали вашето премолчување сите овие денови значи и тивко потврдување на сите овие информации? Јавноста ги очекува вашите одговори, заклучи Тргачевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.