Ачкоска: Нашата енергија е пречка за реализација на погубното сценарио на опозицијата

Ова е Македонија, ова е народ, силен народ, народ кој во срцето си ја носи татковината! Ви се обраќам во име на ГДОМ, но не само во нивно име, туку и како историчар. Во овој момент над Македонија се надвиснати едновековните балкански сеништа. Многу од случувањaта на кои сме сведоци деновиве се веќе видени во 2001. година – терористите во Куманово, војници на злото, украинската драма на која се уште не и се гледа крајот, истакна историчарката и професорка Виолета Ачкоска на големиот народен собир пред Собранието на Република Македонија.

Таа додаде дека за неа најтажно е што изостана силната осуда на тероризмот од страна на опозицијата.

-Тероризмот е зло кое не познава граници. Во името на незатворените рани на нашите бранители, во името на гробовите на загинатите да порачаме: Ние сме Македонија и ние сме дел од антитерористичката коалиција. За жал бев сведок на украинската опозиција која со месеци го нагрдуваше центарот на Киев. Сведок како се рушеше една легално избрана влада и институции. Опозицијата и нејзините надворешни ментори ни приредуваат такво сценарио. Потоа веројатно следи некој македонски Кличко. Почитувани, нашата сила, нашата енергија е најголемата пречка за реализација на тоа погубно сценарио. Застануваме во одбрана на мирот и демократијата. Бараме да биде почитувана волјата на граѓаните на Македонија, потенцира Ачкоска.

Му порачуваме на премиерот Никола Груевски да ја заштити волјата на мнозинстото граѓани на Република Македонија. Со тоа ќе покаже дека демократијата е почитување на правото, но и на институциите на државата, додаде таа.

-Ајде сите заедно да испратиме позитивна енергија дека Македонија се сака и дека ќе опстои, како и дека ќе биде уште посилна. Да го сочуваме мирот и да ја одбраниме демократијата, заврши Ачковска.