АД Водостопанство ќе добие 3,5 милиони евра за набавка на механизација

Вкупно 3,5 милиони евра за набавка на механизација ќе добие АД Водостопанство на Република Македонија преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

Ова е официјализирано денеска со Договорот за соработка што го потпишаа извршниот директор во Водостопанство Ромео Тренов и директорката на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Билјана Вуковиќ.

Средствата се за период од три години, а со нив, како што информира Тренов, претпријатието ќе купи булдожери, мали скипови за отстранување поситни дефекти, камиони за транспорт, пренесување на механизацијата од една територија на друга… Опремата, за почеток, ќе биде стационирана во Скопје, Пелагонија и Тиквеш, како точки од кои најбрзо би можеле да се опслужат повеќе подрачја низ државата.

– За нас е ова најбитен момент зашто практично стануваме функционално претпријатие. по набавката на механизацијата, со соодветен план за чистење и регулација на речните корита, очекуваме за две до три години да овозможиме речните корита да бидат во полна кондиција, да може да примат минимум 20-годишни води, рече Тренов по потпишувањето на Договорот.

Не треба, додаде, да се реагира само за време на поплави, туку целта е нивно превенирање.

– Каналите редовно се чистат, но вегетацијата постојано се обновува, а тендерските постапки кои се меѓународни, обично траат многу, по 90 дена. Затоа сега, со набавката на потребната механизација која треба да се реализира до крајот на годината, ќе бидеме во состојба да реагираме многу брзо и ефикасно, истакна Тренов.

Според директорката на Платежната агенција, покрај средствата за механизација, АД Водостопанство од Програмата за рурален развој ќе добие и дополнителна поддршка, за останатите активности. Тренов информира дека претрпијатието веќе има изготвено проекти. Станува збор за инвестиции кои треба да го подобрат системот за наводнување и одводнување, чистњето на каналите, санација на цевководи, пумпни станици и други објекти.