Адеми: Екстерниот испит за студентите засега е само идеја

Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми денеска истакна дека воведувањето на испит за проверка на знаењето за студентите на факултетите засега е само идеја.

Тој додаде дека со широка дебата треба да се утврди дали за тоа има потреба, и доколку има, на кој начин да се направи тоа, а да не се загрози Болоњскиот систем и да не се наруши автономијата на универзитетите.

– Во ниту еден момент МОН и јас како министер нема да преземеме никакви чекори без да се дебатира, без да се вклучи академската заедница односно универзитетите. Тоа нема да биде решение кои може да го загрози прво Болоњскиот систем, а потоа и автономијата на универзитетите. Далеку од тоа. Ниту размислуваме за такви решенија. Меѓутоа драго ми е што сите дебатираат за оваа тема особено академската заедница и оние кои се најзасегнати по ова прашање студентите, рече Адеми одговарајќи на новинарски прашања на одбележувањето на јубилејот на СЕЕФОРМ.

Отворањето на прашањето за тоа во кои студентски години би можел да се воведе таков испит, потенцира тој, е предложената идеја, со оглед на тоа што согласно болоњскиот процес е конципиран на 3+2 студии.

Ги повика сите да дадат свои размислувања, како што рече, без да се плашат за тоа што ќе го кажат јавно, затоа што Македонија е демократска држава, а МОН ќе ги прифати сите размислувања.

– Повторувам сега засега ова е само идеја, немаме законско решение, додаде министерот за образование и наука.

Додаде дека ќе го исполни тоа што го ветил на интеруниверзитетската конференција, односно дека сите измени во законот за високо образование ќе се дебатираат на тоа тело, затоа што смета дека тој орган е многу битен за носење на  каква било одлука која се однесува на високото образование.

За идејата државен испит за проценка на знаењата на студентите ги информирал и претставниците на студентските парламенти и им ветил дека во дебатата и изготвувањето на решението ќе бидат вклучени сите засегнати страни, особено студентите.

Одговарајќи на новинарско прашање дали токму неквалитетот за кој говорат одредени професори од високото образование и евентуалната потреба за контрола е резултат на дисперзираните студии, истакна не се согласува оти државните универзитети немаат квалитет.

– Со воведувањето на државниот испит ви гарантирам дека државните универзитети воопшто нема да бидат загрозени. Дисперзираните студии се во состав на државните универзитети. Доколку како Министерство и Влада оцениме дека паѓа квалитетот на високото обрзование заради дисперзираните студии тогаш тие можат да се укинат. Тоа не е грев, рече министерот Адеми.

Додаде дека се што е во функција на поквалитетно високо образование ќе биде направено, но, како што рече, во соработка со универзитетите.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.