Адеми избран за претседател на секцијата во Парламентарното собрание на Франкофонијата

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, денеска ја одржа Конститутивната седница на Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата за новиот парламентарен мандат 2014-2018.

Собраниската прес-служба информира дека Секцијата ја сочинуваат пратеници кои се служат со францускиот јазик и таа се основа заради учество во Парламентарното собрание на Франкофонијата и за размена на искуства со парламентите и органите на Организацијата на Франкофонијата и франкофонските земји.

На денешната седница за претседател на Секцијата беше избран Џеват Адеми.

Парламентарното собрание на Франкофонијата е претставничко собрание на Меѓународната организација на Франкофонијата и е нејзино консултативно собрание. Во Парламентарното собрание се претставени 81 парламенти на држави, покраини, региони и меѓународни оргнизации. Република Македонија се стекна со статус на асоциран член во Меѓународната агенција за Франкофонија на Осмиот самит одржан во 1999 година, а во 2000 година Собранието на Република Македонија беше примено за асоцијативен член на Парламентарното собрание на Франкофонијата. Секцијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата е основана во јануари 2001 година.