Адеми: Mатематиката во државната матура беше најавена пред две години

Министерот Абдилаќим Адеми денеска го повтори ставот на Министерството за образование и наука дека предметот математика во државната матура ќе биде на основно ниво и дека оваа новина која треба да се воведе од оваа учебна година била најавена пред две години. Нагласи дека преку јавна дебата ќе ги информира матурантите зошто е корисна оваа одлука.

– Се работи за основно ниво, а не за напредно ниво на математика. Во претходните години имаше ученици што избираа математика на основно ниво и ученици што избираа напредно ниво и немаше никаков проблем со проодноста. Така што јас верувам во капацитетот на матурантите дека можат да полагаат математика на основно ниво, изјави Адеми при посетата на Технолошко-металуршкиот факултет.

Во врска со вчерашниот протест на матурантите и барањето што го доставија до МОН, Адеми рече дека ќе биде разгледано и дека Министерството ќе ги информира и матурантите и јавноста за предностите на полагањето државна матура.

– Државната матура е призната во цел свет и секој матурант што успева да положи државна матура во Македонија слободно може да се запише на кој било универзитет или факултет, не само во Македонија туку во цел свет. Така што низ една дебата и информирање ние ќе настојуваме да ги убедиме учениците дека е пред се за нивна предност како и за образовниот процес во Република Македонија и дека не е лошо да се полага математика, рече Адеми.

Додаде дека во светот математиката како и мајчиниот јазик се задолжителни предмети и дека на тој начин може да се утврдат афинитетите на учениците за нивното натамошно високо образование.

Деканот на Технолошко-металуршкиот факултет Александар Димитров смета дека математиката треба да биде задолжителен предмет затоа што, како што рече, таа е основа на сите фундаментални науки, ќе им помогне да ги разберат и другите природни науки и логично да ги решаваат проблемите во животот.

Сепак, смета дека е потребен посебен модел за учениците кои имале помалку часови по математика во наставата.

– Учениците што имаат по два до три часа неделно и учениците што имаат по пет до шест часа неделно треба да имаат различен начин на полагање, различна тежина на тестовите на државниот испит. Тука, според мене, можеби има мал проблем, а никако да се остават учениците без знаењето од математиката. На државата и се потребни млади кадри кои ќе имаат општо високо образование и општа култура со што ќе се подигне нивото на оваа држава. Имаме многу мал број завршени инженери, околу осум проценти е бројот на високообразовани во оваа држава. Кај средноразвиените земји е од 20 до 25 проценти, а кај високоразвиените е околу 30 до 35 проценти. Најуспешните од нив изучуваат математика во средно образование со поголем број часови, рече деканот на Технолошко-металуршкиот факултет.