Адеми: Нема да дадам согласност за девијација на реката Радика

Денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми и министерот за економија Ваљон Сараќини беа во работна посета на о. Дебар, при што остварија средба со градоначалникот на Ружди Љата.

Повод за посетата беше петицијата против проектот „Луково Поле“, која со седум илјади потписи вчера беше доставена до Владата и до Парламентот на Република Македонија

Главно, протестот на Дебрани е насочен против можноста реализацијата на проектот да предизвика девијација на реката Радика која има природен тек низ Дебар, со што според нив, на градот Дебар и на неговите жители би им се предизвикала голема штета и од еколошки и од животен аспект.

Поддршка на протестот дадоа и претседателот на Советот на општината Башким Машкули и градоначалникот Ружди Љата.

Според зборовите на министерот Адеми, Министерството за животна средина и просторно планирање мора да ја следи позитивната законска регулатива. Во моментов е во тек изработка на Студија за влијание на проектот „Луково Поле“ врз животната средина, и анализата треба да покаже дали изведбените работи ќе влијаат или не, не само врз природниот тек на р. Радика туку воопшто врз животната средина.

Ставот на министерот Адеми и на Министерството за животна средина и просторно планирање кое строго се придржува на меѓународните конвенции и европските директиви е доколку се покаже дека девијацијата на реката може да предизвика негативни влијанија нема да се издаде одобрение.

„Нема да дадам согласност за девијација на реката Радика, ако Дебар и околината претрпат негативни последици. Драго ми е што јавноста се обраќа до нас не само за технички проблеми, туку и за еколошки прашања,“ одговорно потврди министерот Адеми изразувајќи разбирање за стравовите на локалната власт и на жителите на Дебар.