Адеми: Паричните казни не се заплашување, туку информирање дека наставата е задолжителна

Вчерашната изјава на директорката на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) Надица Николоска дека за непосетување настава со закон се предвидени казни до 2.000 евра според министерот Абдилаќим Адеми не е заплашување на родителите и наставниците, туку информирање дека основното и средното образование се задолжителни.

– Изјавата на директорката беше по повод повикот на претседателот на СОНК учениците во понеделник да не одат на настава. Мислам дека тоа е погрешна изјава на претседателот на СОНК затоа што никој во Македонија не смее да ги повика децата да не одат во училиште. Местото на учениците е во училишните клупи, законот за основно и за средно образование дефинира дека основното и средното образование се задолжителни, мора да се исполнат 180 работни дена во образованието. Мислам дека изјавата на директорката не беше со цел да ги заплаши родителите и наставниците, туку да ги информира дека наставата е задолжителна, изјави Адеми денеска по доделувањето на наградата за млади преведувачи „Вавилон“.

Одговарајќи на новинарско прашање Адеми рече дека во сите случаи на бојкотирање на наставата ДПИ испратил инспектори во училиштата. – Врз основа на причините и од констатираната состојба се преземени и мерки, рече Адеми.

Министерот повторно нагласи дека СОНК е партнер на МОН и само преку социјален дијалог со државните институции, рече тој, може да се разгледаат нивните барања.

– Не велам дека нивните барања се прифатливи или може да бидат прифатени, но сметам дека преку дијалог може да се расчистат сите отворени прашања. Јас ги поканив и имав еднаш средба но, за жал, таа заврши многу брзо и неуспешно. Ние остануваме секогаш отворени за средба и зависи од нив, рече Адеми.

На прашање што ќе преземе МОН ако штрајкот на СОНК почне на 29 септември и дали има план за заменски наставници, Адеми одговори дека тоа е обврска на општините, како основачи на училиштата, а дека државните училишта се обврска на МОН.

– Засега не можеме да зборуваме за замена на наставниците зашто не знаеме дали ќе има штрајк во понеделник и ако има колку наставници ќе штрајкуваат. Немаме ниту информации кои модалитети на штрајк ќе се употребат – дали со скратени часови, дали ќе има часови па ќе се протестира, дали ќе се одржи наставата или не. Кога ќе констатираме дека наставата не се одвива, тогаш ќе ги преземеме законските мерки, рече министерот за образование и наука.