Адемовски: На повидок се сериозни турски инвестиции

Многу фирми во моментот го анализираат пазарот во Македонија, на повидок има неколку сериозни инвестиции. Турција големо значење дава на Македонија како братска држава и поволностите кои ги нуди нашата Влада за привлекување на инвеститорите, вели во интервју за МРТ, почесниот конзул на Турција, бизнисменот Ајдован Адемовски.

Турскиот претседател на собранието најави заинтересираност на турските компании за отворање и стопанисување со голема економска зона во Гевгелија, на што се должи ваквиот интерес за инвестирање во Македонија?

Пред сѐ, Македонија и Турција имаат на највисок степен развиени политички односи, секако кога меѓу двете земји има толку развиени политички односи и економските односи би требало да бидат на највисоко ниво. Се стремиме и двете страни, и турската и македонската економија да дојде до тој степен. Интересот за инвестирање е затоа што после толку напорното работење на Владата и премиерот Никола Груевски и посетата на многу турски градови и индустриски зони во Турција е еден од предизвиците и македонските индустриски зони, односно турската заедница да дојде да изгради една слободна зона. Значајна е и географската положба на Македонија која е раскрсница и потпишаните слободни трговски односи со многу држави, така да преку Македонија може да се влезе на еден многу голем пазар. Секако и дека близината меѓу двете држави е една од привилегиите, а јасно и ниските даноци кои ги има во Македонија.

Важите за бизнисмен кој има донесено голем број на компании во Македонија, дали се на повидок и други турски компании за инвестирање?

Многу фирми во моментот го анализираат пазарот во Македонија, на повидок има неколку сериозни инвестиции. Една од посериозните инвестиции би била градбата на „Лимак“ која е позади „Рамстор“ во центарот на Скопје, инвестиција која би била доста голема и значајна за Македонија.

Што е тоа што е пресудно турските компании да инвестираат во Македонија?

Пред сѐ, ние имаме долгорочен соживот заедно, во Македонија има и над 100 илјади македонски Турци, фамилијарните врски кои постојат помеѓу Македонија и Турција. Турција големо значење дава на Македонија како братска држава и поволностите кои ги нуди нашата Влада за привлекување на инвеститорите во Македонија, кога ќе го земете и највисокиот степен на политички односи, мислам дека тие се пресудните работи зошто турските инвеститори сакаат да инвестираат во Македонија.