Адил Османовиќ најсериозен кандидат за мандатар на Совет на министри на БиХ

Потпретседателот на бошњачката Партија за демократска акција (СДА) Адил Османовиќ е еден од најсериозните кандидати за мандатар за состав на новиот Совет на министри на БиХ, тврди весникот „Независне новине“.

Весникот додава дека СДА, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) веќе следната недела ќе ги почнат разговорите за формирање на државната власт.

Извесно е, меѓутоа, дека овој процес ниту овој пат нема да биде така едноставен, што го потврдуваат и информациите дека во тек се паралелни контакти на некои други политички опции кои имаат намера да заобиколат некои од овие партии, бидејќи имаат сопствена формула за формирање на мнозинство.

Исто така, не треба да се заборави дека мандатарот за новиот состав на Советот на министри го предлага Претседателството на БиХ, во кое, како што стојат работите, ќе седи и еден опозициски член – Младен Иваниќ, кандидатот на Сојузот за промени во Република Српска.

Сето ова се уште дава доза на воздржаност по повод формирањето на новите власти во БиХ, но извесно е дека, во согласнист со принципот на ротација, новиот претседавач со Советот на министри ќе биде Бошњак, а по логиката на работите тоа ќе биде функционер од СДА, која освои најмногу гласови на изборите, пишува весникот.

Игор Радојичиќ, потпретседателот на СНСД, неодамна потврди дека во тоа нема ништо спорно и дека за оваа партија принципот на ротација е апсолутно прифатлив.

Во ХДЗ, исто така,  велат дека се принципиелни за прашањето на ротацијата, како што биле и во 2010 година, кога бил редот на Хрватите. Сега е редот на Бошњаците, а логично е тој да биде од партијата која доби мнозинска поддршка, а тоа е СДА, велат во оваа партија и додаваат дека за ХДЗ е прифатливо кое било име „доколку има дигнитет“.