Адвокат од Колумбија бара милијарда евра отштета од ФИФА поради лошото судење на Мундијалот

ФИФА e мета на тужба на адвокат од Колумбија кој наводно завршил во болница гледајќи го лошото судење на Мундијалот.Имено, Аурелио Хименез тврди дека завршил во болница поради влошена здравствена состојба предизвикана од лошото судење на мечот Бразил – Колумбија.

Британскиот таблоид „Метро“ пишува дека Хименез бара оштета во висина од речиси една милијарда евра, или поточно 998 милиони.

-Судијата Карлос Веласко Карбаљо, но и другите судии на мечот, предизвикаа кај мене здраствени проблеми. Ритамот на срцето ми се промени, а роднините итно ме префрлија во болница по мечот против Бразил на кој бевме неоправдано оштетени, вели Хименез.

Овој адвокат (74) кој во Колумбија важи за еден од најдобрите во својата област на правото, во моментов работи на собирање на докази и не ја исклучува можноста да ја прошири тужбата доколку се јават и други оштетени, без разлика од која земја доаѓаат.

Хименез воедно додал дека доколку ја добие тужбата, целата сума ќе ја донира во хуманитарни цели, односно за помош на децата во Колумбија.