Адвокатот очекува Дедо Љубе да не биде осуден за убиство

Процесот на 75-годишниот Љубомир Којков, познат како Дедо Љубе, се враќа во фаза на истрага, а неговиот адвокат Христијан Георгиевски се надева на преквалификација на обвинението, а со тоа и ослободување од кривична одговорност. За тоа одбраната треба да докаже дека во случајот не постои убиство на миг,  туку нужна одбрана.

„Врз основа на досега поднесените докази беше поднесено кривично обвинение. Во врска со новонастаната ситуација и новоизведенте предлози и докази сметам дека постои можност за преквалификација на обвинението и ослободување од кривична одговорност“, вели адвокатот Георгиевски.

Доклку сега се докаже дека делото е сторено во „нужна одбрана“, Дедо Љубе треба да добие ослободителна пресуда. Дејствата на нужната одбрана по својата природа се исто така напад, но легитимен, заради одбивање напад врз жртва.

„Нужната одбрана целосно го ослободува обвинетиот кога во услови на силна раздразнетост  за да го отстрани нападот од себе или од друг во истовремен противправен напад тоа го прави за некое повисоко добро, да се заштити себе си или некој за кого постои непосредна опасност да го изгуби животот. Пластично тоа би се објаснило со тоа – дали да загине напаѓачот или нападнатиот. Во вакви исклучителни случаи законот дозволува ослободување од кривична одговорност,  додека убиство на миг претствува инкриминирано дело кое има повластен третман кога едно лице ќе биде доведено во состојба да изврши убиство во афектна сосотојба. Значи ако некој ве малтретира со години, ве тепа, вие го убивате во момент на силна раздразнетост. Иако за убиство на миг е помала казната, сепак се работи за инкриминирано дело“, објаснува Георгиевски.

Тој смета дека нема потреба од менување на Кривичниот законик во однос на институијата „нужна одбрана“, бидејќи законот во тој дел е дециден. Но, сепак посочува дека се можни мали модификации во однос на неговата примена.

„Законот во делот на нужна одбрана е добар, може да се направат само некои мали модификации во поглед на примената на тој институт, да се дообјасни, на пример, кои се’ средства може да се користатат за да се спроведе нужната одбрана, односно ваквите исклучителни ситуации да се земат како несреќна околност или како основа за исклучување на кривична одговорност“, вели адвокатот Георгиевски.

Против Дедо Љубе, кој доби голема јавна поддршка поради храброста со која овој старец го одбранил својот и животот на сопругата, кога двајца разбојници влегле во неговиот дом и ѕверски почнале да се изживуваат врз нив, беше подигнато обвинение за убиство во миг, убиство во обид и за недозволено поседување на оружје. Според Кривичен законик, за кривично дело убиство во миг предвидена е казна е од една до пет години затвор, за убиство во обид од пет до 15 години и за недозволено поседување на оружје од три до 10 години.

Адвокатската канцеларија Георгиевски од Куманово го брани Дедо Љубе во судскиот процес без надомест. Како што истакна адвокатот на обвинетиот, овој предмет е во заштита на граѓаните и никој не смее да си дозволи да посегне по светоста на домот и по семејните вредности за каков било интерес, кој не може да биде повреден од човечкиот живот.