Аџиите пристигнаа, нема сомнителен случај на ебола

Сите предвидени 703 патници, кои по сувоземен пат се враќаат од аџилак во Саудиска Арабија, пристигнаа во државата преку граничниот премин Деве Баир и меѓу нив нема ниту еден сомнителен случај на евентуално заболување од ебола, маларија, колера и други заразни болести, карактеристични за подрачјата во кои престојувале, објави МИА.

Центарот за јавно здравје од Куманово информира дека последните три автобуси со аџии пристигнале викендот и оти сите патници се во добра општа здравствена состојба.

– Акцијата на предвидените епидемиолоши и други контроли е успешно спроведена според сите заклучоци и препораки од Комисијата за јавно здравје, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Куманово.

Во изминатите 10 дена, екипи на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и на Центарот за јавно здравје дежураа 24-часа на граничниот премин Деве Баир, кој беше одреден како премин преку кој по сувоземен пат единствено можеа да се враќаат аџиите од Саудиска Арабија.

Во следниот период аџиите редовно ќе треба да се јавуваат во матичните центри за јавно здравје, каде ќе подлежат на задолжителен 21-дневен здравствен надзор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.