АЕК со јавен тендер за широкопојасен интернет

Агенцијата за електронски комуникации годинава првпат со јавен тендер ќе определи еден давател на широкопојасен интернет како дел од универзалната услуга.

Давателот ќе има и обврска да обезбеди поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна комуникациска мрежа, а на овој начин ќе биде обезбеден пристап до интернет по прифатливи цени за сите домаќинства кои досега немаа можност да се поврзат на интернет со некоја од достапните технологии.

Во текот на вчерашниот ден агенцијата ја објави намерата да распише тендер за определување на оператор за давател на универзална услуга. Предлогот ќе биде на јавна расправа 30 дена, а очекуваме потоа агенцијата да премине на распишување на тој тендер“, истакна директорот на АЕК, Сашо Димитриоски.

Тој додаде дека универзалната услуга ќе биде достапна за сите, а тука се вклучени посебни олеснувања за социјално ранливите категории.

Новитет во овој тендер што планираме да го објавиме е тоа што за прв пат ќе биде вклучена услугата за интернет пристап, со тоа што ќе се гарантира до сите граѓани пристап до минимум 2 МБ во секунда интернет, независно каде се наоѓаат во државата. Универзалната услуга ќе биде достапна за сите, но тука се вклучени и посебни услови за социјалните семејства, исто така за граѓаните со инвалидитет, така што во рамки на оваа услуга ќе бидат опфатени сите овие категории со различни олеснителни можности за нив, рече Димитриоски.

Агенцијата за електронски комуникации денеска ги претстави регулаторните активности и мерки за остварување на услугите опфатени со проектот „Универзална услуга“ за кој пред пет години на јавен тендер избра  две компании за даватели на услуги на територијата на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.