Аеродромите се голем фактор за економијата

Како што беше речено на обуката за новинари организирана викендов од ТАВ Македонија, бројот на патници на двата македонски аеродрома се зголеми, пред се, поради воведувањето на нискобуџетните авиокомпании.

Скопскиот аеродром кој во 2010 година имаше 15 дестинации, а денес брои 32, до летниот период планира воведување нови линии.

– Зголемениот број патници е најмногу благодарение на нискобуџетните компании. По нивното воведување, порасна бројот на летови. Но, ги донесовме и Туркиш Еерлајнс и Пегазус кој лета кон Блискиот Исток, а се вратија и Ал Италија и Чех Ерлајнс, истакна маркетинг-директорот на ТАВ Аеродроми Аслихан Чортук, според кој аеродромите се местата каде што патниците го добиваат првиот и последниот впечаток за државата, а Охрид не е најубавата дестинација на Балканот, туку една од најубавите во Европа.

132966822

Генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски потенцира дека согласно тенденциите во светски рамки, аеродромите веќе не се само даватели на транспортни услуги, туку стануваат сериозни фактори за економски и локален развој. Во таа насока се и активностите на компанијата. Како мала држава можеби не сме во позиција да бидеме некој глобален центар на светската мапа, но можеме да бидеме регионален центар, смета Крстевкси.

– Тоа е многу реално и на тоа работиме за што зборуваат и резултатите за најбрзоратсечки аеродром во регионот, подвлее директорот.

Во авиосообраќајот, додаде, има големи промени. Повеќето аеродроми веќе се одлучуваат да добиваат приходи од т.н. неавигациски услуги со што се менува и таргетот на патниците.

– Во Скопје има 32 дестинации што беше незамисливо порано кога имавме десетина. Многу дестинации има во скандинавските земји што овозможи да се прошири интересот на патниците од соседните земји. Се почесто имаме патници од Грција, Албанија, Косово, Јужна Србија, кои патуваат од нашите аеродроми. ТАВ Македонија настојува да оствари регионален пристап, посочи Крстевски.

Во однос на воведувањето нови линии, објасни, процесот не е едноставен. Една до три или пет години и се потребни на некоја авиокомпанија да одлучи да лета до одредена дестинација.

– Истражување, стратегија, проучување на случјаот, преговори и поддршка, се фазите кои треба да ги поминеме за да потврдиме дека некоја авиокомпанија ќе воведе своја линија. Се друго би било шпекулација или наивно да се очекува, дека некоја од авиокомпаниите или аеродромите по чуство за бизнис ќе каже дека ќе лета и ќе остварува некоја дестинација, рече Крстевски.

Тој го нагласи значењето на адвертајзиног зашто за да се донесе некоја дестинација, мора да се направи реклама. Патниците очекуваат еднакви услови како секаде во Европа и, не крајна цел да им биде присуството на аеродромот, туку од него да полетаат некаде и да го реализираат своето патување.

– За тоа сме во голема предност. Нашиот аеродром според функциите, технолоијата, е еден од помодерните, а во регонот најмодерен. Но, вложувањата за одржување на нивото на квалитетна услуга продолжуваат. напомена директорот.

133168278

Според него, во последните 15 години маркетингот еволуира како најзначајна стратегиска

алатка на аеродромите зашто секој сака да оствари поголем успех. Во овој сегмент, либерализацијата на пазарот има огромно значење бидејќи овозможува и поттикнува конкурентност.

– Аеродромите веќе не се само даватели на услуги за транспорт, туку се повеќе се гледаат како потенцијал за комуникација на бизнисмените и создавање предуслови за инвестирање, посебно во делот на каргото, остварувањето брз трансфер на производство и услуги, потенцира Крстевски.

Авиосообраќајот во светски рамки генерира 58 милиони работни места и придонесува во светскиот БДП со 606 милијарди долари. Вкупно 51 отсто од туристичките патувања се реализираат со авиони, а статистиката евидентира 6,5 милијарди патници.

Во светот има вкупно 1.670 аеродроми, преку 900 комерцијални авиокомпании со 22.000 авиони, 160 провајдери и навигациски компании кои даваат услуги, а вредноста на карго-пратките што се остваруваат надминува 5,3 трилиони долари.

Како што беше речено на обуката, ТАВ холдингот е еден од водечките оператори. Управува 14 аеродроми со 102 милиона патници годишно или 280.000 дневно, опслужува преку 200 компании и дневно реализира 2.100 летови. Компанијата брои преку 50.000 вработени и нејзиниот годишен приход е преку 1,79 милијарди евра.

По континенти, на бројот на патници во Европа отпаѓаат 25 отсто, на азиско-пацифичкиот регион 33 проценти, на Северна Америка 25, на Средениот Исток 9, на Јужна Америка 6, а на Африка два отсто.

Најголем раст на авиосообраќајот бележи Средниот Исток поради големите инвестиции во тие земји.

Во Европа, во наредните 25 години, до 2035, се предвидува зголемување на авиосообраќајот кој ќе резултира со 580 милиони патници, а во азискиот дел, вклучувајќжи ја и Кина, бројката ќе надмине една милијарда.

На обуката во Струга се разговараше за развојот на авијацијата глобално, регулативите, институциите, предизвиците со кои се соочува дејноста, најчестите проблеми и поплаки на патниците, нивната (не)информираност, правата, доцнењата и откажувањата на летовите, безбедноста на аеродромите. На овие и други теми се осврнаа претставници од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Македонската навигација, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Туркиш ерлајнс, Ер Србија,...