Аеродромот Завентем останува затворен до крајот на неделата

Националниот аеродром во Брисел, Завентем, ќе остане затворен најмалку до недела, а дотогаш сите летови се преусмеруваат на помалиот јужен бриселски аеродром Шарлроа, јавува МИА.

По вчерашниот терористички напад на аеродромот каде 14 лица го загубија животот, а 100 беа повредени, според менаџментот на „Бриселс Ерпорт“, направена е огромна штета за која ќе биде потребно време да се поправи и состојбата на еден од најголемите аеродроми во Европа да се врати во нормала за истиот да може да проработи.

Се уште тече истрагата на аеродромот и ние се уште не сме ниту влегле во делот за заминување за да ја оцениме штетата – вели портпаролакта на аеродромот Анке Франсен.

Иако училиштата, шопинг и административните центри во Брисел и насекаде низ Белгија денеска ќе функционираат и покрај максималното Четврто ниво на закана од можен нов терористички напад во белгиското Кралство, дел од големите компании, сепак, одлучија денеска да бидат затворени. Тоа е случај со мега-продавницата за мебел „ИКЕА“ и нејзините два центри во бриселските населби Завентем и Андерлехт. Причината, според менаџментот е тоа што најголем дел од вработените во компанијата пристигнуваат со метро или воз, а двете линии се во прекин или имаат силни рестрикции, поради што „ИКЕА“ најавува отворање дури во текот на утрешниот ден.

Како изгледаше нападот врз аеродромот во Брисел погледнете на следниот линк.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.