Аферата БНД – НСА најголем предизвик за Меркел

Извештајот подготвен од дури 15 новинари и уредници на еден од највлијателните германски медиуми весникот „Дер Шпигел“ тврди дека канцеларката Меркел знаела за помошта што германската контраразузнавачка агенција БНД ја давала на американските колеги од НСА кои што покрај лица опасни за безбедноста прислушувале Германски и европски политичари, фирми и други цели, објави МИА.

Во неовообичаениот долг текст од десетина страници весникот тврди дека аферата БНД – НСА по долги години е најголем предизвик за Меркел и дека може да стане пресвртна точка во нејзината кариера како Канцелар на Германија.

„Дер Шпигел“ наведува дека најголем политички бенефит од кризата каква што Германија не доживеала со години има владиниот коалиционен партнер СПД од каде што систематски се напаѓа Меркел. Лидерот на СПД Зигмар Габриел, кој е вицепремиер и министер за економија смета дека се работи за скандал од невидени размери.

Тој ситуацијата покрај да го наруши имиџот на Меркел како убедливо најпопуларен германски политичар ја користи и да се прикаже како заштитник на фирмите кои што се жртви на американско – германското прислушување. Координираните секојдневни напади од коалиционите партнери на Меркел имаат за цел да не се дозволи канцеларката лесно да се оттргне од аферата и да и се намали рејтингот на ЦДУ, смета весникот.

За прв пат по десетина години Социјалдемократите сметаат дека има простор да бидат на иста нога со партијата ЦДУ на Меркел и можеби да станат доминантен играч во федералната влада, нешто што досега поради огормната популарност на Меркел беше незамисливо.

Во еден од своите најдолги извештаи „Дер Шпигел“ детално ја објаснува целата приказна околу соработката меѓу САД и Германија на полето на безбедноста при што се наведува дека благодарение на соработката и помошта од Вашингтон Германија досега не е сведок на посериозен терористички атак иако е дел од антитерористичката коалиција.

БНД од американците добивала прецизни информации за радикални елементи на нејзина територија и за тоа во Германија само малкумина ќе и забележат на Меркел но според опозицијата и медиумите нејзината најголема вина е во тоа што дозволила да нема соодветна контрола на разузнавачките капацитети ставени на располагање на САД. Друг огромен проблем е непочитувањето на НСА на договорот да не се следат германски граѓани и компании кои што не се директно инволвирани во терористички активности.

Според „Дер Шпигел“, Меркел знаела за нелегалната соработка на своите служби и морала да преземе активности тие да се стават во законски рамки. Весникот признава дека канцеларката долго време не знаела за скандалот и дека БНД често ги криела своите активности спроведени заедно со САД но таа морала да реагира тогаш кога ја дознала целата вистина.

Меркел сега се обвинува дека на 14 јули 2013 година во телевизиско интервју ја излажала целата германска јавност кога рекла дека немало индустриска шпионажа против германски цели иако постојат докази дека нејзиниот кабинет бил информиран за тоа.

Дер Шпигел смета дека во сложената структура која што треба да врши контрола на разузнавачките агенции можно е Меркел да немала соодветни информации за работата на БНД но тоа не ја намалува нејзината одговорност за скандалот. Дополнителнно се наведува дека една од причините зошто германските разузнавачи сакале да соработуваат со САД и со Британија е тоа што на тој начин тие ги добиле технолошките механизми кои што ги поседуваат Вашингтон и Лондон за што во неколку наврати добивале и соодветен тренинг од пријателските агенции.

Весникот потсетува на случајот кој во 2011 година го објавил весникот „Билд ам Зонтаг“ во кој шефот на ЦИА во Берлин го информира кабинетот на Меркел дека „крт“ во нејзиното опкружување се обидувал во медиумите да протурка „добри приказни“ по што истиот бил префрлен во друго минситерство. Дер Шпигел смета дека има три сценарија како ЦИА дознала за „кртот“ во близина на Меркел. Едното е дека НСА постојано ги следела комуникациите во кабинетот на Меркел, второто е дека американците ги следеле сите службеници во германската влада и третото, дека НСА следела одредени германски новинари. Според весникот било кое од овие три сценарија се скандал од далекусежни последици за транс – атланските релации.