Агатангел против Наум и Пимен, а Тимотеј против Агатангел – МПЦ во длабок раскол?

Македонската православна црква – Охрдиска архиепископија (МПЦ-ОА) е во длабок раскол поради разединетите ставови на владиците од Светиот синод во однос на барањето испратено неодамна до Бугарската православна црква (БПЦ).

Писменото барање БПЦ да стане црква-мајка на МПЦ-ОА, и да и’ помогне во признавањето од страна на останатите православни цркви, беше испратено од некои владици на МПЦ, но не и со согласностна сите, според различните изјави и информации оттаму. БПЦ го прифати барањето, но не се согласи да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, претходно во понеделникот во писмена објава изрази благодарност до бугарскиот патријарх Неофит и до членовите на Светиот архиерејски синод на Бугарската православна црква кој претходно истиот ден донесоа решение за писмото од Македонската православна црква.

Донесеното решение на САС на БПЦ дава надеж за конечно решавање на статусот на легитимната автокефалност на Македонската православна црква во семејството на Помесните православни цркви. Очекуваме, и во иднина, Бугарската православна црква на МПЦ-ОА да и биде постојан сотрудник во остварувањето на потребната богоугодна цел, се наведува во изјавата.

Притоа во ова оспорено соопштение се посочува дека „двете цркви имаат одговорност пред своите едноверни, благочестиви и православни народи кои споделуваат мноштво заеднички христијански вредности низ вековниот опстој, откако синодот на БПЦ одлучи да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на МПЦ.

За постоењето на несогласувањата во Светиот синод на МПЦ, многу јасно сведочи завчерашата реакција на митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој во писмена изјава до медиумите недвосмислено истакна дека се оградува од соопштението на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, по повод одлуката и решението на Светиот синод на БПЦ.

Митрополитот Агатангел посочува дека е непријатно изненаден дека постои какво и да е соопштение на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, бидејќи Синодот на МПЦ–ОА воопшто и не заседавал по ова прашање, и оти самиот тој, како еден од владиците, не бил воопшто запознаен со тоа што македонската црква и’ се заблагодарила на бугарската црква затоа што нејзиниот Синод вчера ја донесе одлуката таа да го прифати барањето од МПЦ да формира комисија за преговори со другите помесни православни цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Според се’ судејќи, станува збор повторно за одделен чин на одредени владици од Синодот на МПЦ, како што неофицијално се шпекулира, дека тие се и автори на писмото со барање до БПЦ да стане мајка – црква на МПЦ-ОА. Неофицијалните информации велат дека владиката Пимен, митрополит на Европската епархија, и владиката Наум, митрополит струмички, се лично автори на писмото.

Преку социјалните мрежи, на коишто инаку е многу активен владиката Пимен, се обидовме да добиеме одговор на ваквите наводи, но не добивме.

Но, во целата оваа ситуација зачудува отсуството на каква и да е реакција на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

Тоа, пак, уште еднаш навестува дека во Синодот на македонската црква постои длабоко разидување во однос на последните случувања околу патот до признавањето на МПЦ-ОА.

Тоа се потврдува и во делот од писмената изјава за медиумите на владиката Агатангел во коешто, меѓу другото, се потенцира дека:

„… По нашето писмо кое го доставивме до БПЦ, а кое не беше едногласно прифатено од Светиот синод на МПЦ-ОА како краен резултат еве денеска што добивме како решение. БПЦ сега се претставува и прифаќа да биде мајка – црква, без притоа да има каква и да е обврска кон нашиот автокефален статус, што е уште една навреда кон МПЦ-ОА, кон македонскиот народ, кон македонската нација…“.

Меѓутоа, во изјава за НетПрес, портпаролот на МПЦ-ОА, митрополит на Дебарко-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј вели дека не постои разидување, односно раскол во редовите на Светиот архиерејски синод во однос на писмото со барање БПЦ да се јави како мајка црква, пот„пишано, како што ни беше речено, од Архиепископ Охридски и Македонски, гг. Стефан со што според него се затвора и прашањето за авторството на писмото

Не ми е познат мотивот на митрополитот Агатангел за спомената реакција. Најверојатно станува збор да се добие во актуелноста. На седницата (на Светиот архиерејски синод –з.р.), тој не кажа ништо, рече во кусата изјава митрополитот Тимотеј.

Според зборовите на Тимотеј, Светиот синод на МПЦ-ОА, заседавал, а владиката Агатангел тврди дека тоа не се случило.

Ваквите најнови состојби во Синодот на МПЦ-ОА, навраќаат на ситуацијата која во македонската црква настана по потпишувањето на т.н. Нишки договор за признавање на МПЦ од 17-ти мај 2002 година, чии потписници беа владиците Петар, Тимотеј и, интересно и тогаш владиката Наум. Првично, тогаш, Српската православна црква (СПЦ), го прифати т.н. Нишки договор.

Со овој договор на МПЦ би требало да и’ се даде одредена широка црковна автономија, но изборот на поглаварот на МПЦ треба да биде потврден од српскиот патријарх. Исто така за време на литургиите во МПЦ, според договорот, треба да се споменува прво името на српскиот патријарх. Македонската јавност го оцени овој договор како скандалозен, а следуваа реакции и во самата македонска црква.

Овој договор последен пат беше актуелизиран, и тоа повторно во политички момент, во 2012 година по изјавата на тоашниот српски претседател Томислав Николиќ дека тој може да помогне во решавањето на овој проблем и дека можно е признавањето на афтокефалноста на МПЦ во замена за ослободувањето на распопениот владика Јован (Зоран) Вранишковски. Токму Вранишковски, исто така, повикувајќи се на канонските прописи се издвои од МПЦ и под закрила на СПЦ ја формираше Охридска архиепископија во рамките на Српската православна црква, следен од многу мал дел од македонското монаштво и пониско рангирано свештенство. Но, сепак ова предизвика раскол во македонската црква.

За жал, и овојпат политиката, поточно кокетирањето на дел од свештенсвото со политичарите, се надвиснува како причина за новиот раскол во МПЦ, што го потврдува и владиката Наум, кој беше првиот кој го пречека во Струмица бугарскиот премиер Бојко Борисов при неодамнешната заедничка седница на владите во двете земји, и кој во своето неодамнешно интервју за бугарската телевизија БТВ во врска со писмото барање до БПЦ рече дека политички се причините зошто автокефалноста на Македонската православна црква се’ уште не е призната и го истакна и „големото значење“ на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Додаде и дека е „тоа само почеток“.