Агенција за безбедност во сообраќајот ќе ја намалува смртноста на патиштата

Министерството за транспорт и врски најави формирање на посебно извршно тело кое ќе треба да ја подобри безбедноста во сообраќајот на патиштата со што би се намалил бројот на несреќите и на настраданите .

-Можноста за формирање на ова тело што би функционирало како агенција со свој буџет и вработени со јасни извршни надлежности ќе се анализира во наредните шест месеци. Тоа би ги покривало сите аспекти за проблематиката што сега се третира од повеќе институции, како Министерството за внатрешни работи, Јавното претпријатие за државни патишта, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата,,… кои и натаму продолжуваат со ативности во областа- изјави министерот Горан Сугарески.

Според министерот, крајната цел е да се намали просечниот годишен број на жртви од сообраќајќи во Македонија кој изнесува меѓу 160 и 200, а таа бројка е уште поголема со оглед дека не ги опфаќа починатите како последица на сообраќајната несреќа.

Проценките се дека секоја година жртвите и повредените во сообраќајките ја чинат државата околу 230 милиони евра што е 2,3% од БДП, заради што мора да се воведат системски мерки односно да се знае кој е одговорен за сите црни точки каде најчесто се гине и за нивното решавање.

Сегашниот Републички совет за безбедност во сообраќајот е советодавно тело кое само прави
кампањи за безбедност, додека новата Агенција за безбедност во сообраќајот, која се очекува
да профункционира при крајот на летото, ќе има ингеренции да побара измени на закони, да
нареди засилени патроли полициски, да нареди реконструкции на делови од патишта кои се
проблематични и други вакви мерки за да почне состојбата со безбедноста да се менува.

Официјалните податоци покажуваат дека Македонија споредено со 32 држави во Европа е меѓу последните пет по безбедност во сообраќајот. Во европски рамки просекот е 5,2 жртви, а во Македонија 7,1 жртва на 10.000 жители.