Позната агенција за обезбедување затаила 383.000 евра данок

Финансиската полиција спровела неколку месечна опсежна истрага на работењето на позната агенција за обезбедување од Скопје при што е утврдено даночно затајување во вредност од 383.000 евра. Поради ова против управителот и сопственик на Агенцијата Б.У. (48) од Скопје и против лицето В.Н. (56), до надлежното јавно обвинителство во Скопје поднесена е кривична пријава за „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ и за „Помагање“ .

Агенцијата за обезбедување во 2004 година склучила договор за вршење на услуги за обезбедување на простории и лица на една странска мисија во Република Македонија од каде на месечно ниво инкасирала поголема сума на пари.

– Со цел избегнување на давачките кон државата и присвојување на целокупниот износ кој му бил исплатуван од страна на странската мисија, пријавениот Б.У. (48) потпомогнат од второпријавениот В.Н. (56) организирале шема со отворање на фирми во странство на кои им отвориле нерезидентни сметки во Република Македонија кои требало да се користат за извлекување на парите во кеш, се вели во соопштението од Финансиската полиција.

Започнувајќи од 2004 година па се до 2010 година, пријавениот Б.У. (48), парите што ги примил по основ обезбедување од странската мисија во Скопје, во повеќе наврати ги трансферирал на нерезидентната сметка на странскиот правен субјект LONSKO-LAS (UK) – износ од 206.350 ЕУР (за период 2007 година, 2009 година и 2010 година), на нерезидентната сметка на странскиот правен субјект TAO INTERNACIONAL NIS износ од 739.950 ЕУР (за период 2004 година, 2005 година, 2006 година и 2007 година) и на нерезидентната сметка на странскиот правен субјект JORDAN CIPEV (ANONS) KUSTENDIL износ од 346.700 ЕУР (за период 2007 година, 2008 година и 2009 година). Заедничко за сите ове фирми е фактот што сите имаат нерезидентни сметки во една иста банка во Република Македонија на која овластен потписник е едно исто лице, а тоа е второпријавениот В.Н. (56).

Како основ за плаќање кон странските фирми биле користени фалсификувани фактури од странските фирми за наводно извршени услуги – обезбедување за потребите на странската мисија во Скопје со која Б.У. (48) имал склучено договор.

Индикативо за пронајдените фактури е тоа што иако се наводно издадени од различни фирми од различни земји, сите имаат буквално идентична содржина што укажува дека се креирани од исто лице со единствена цел даночно затајување и оштетување на Буџетот на Република Македонија.

По извршената контрола на нерезидентните сметки, Финансиската полиција утврди дека сите трансфери на пари кои се пристигнати од Агенцијата за обезбедување уште истиот или најдоцна наредниот ден се извадени во кеш од страна на второпријавениот кој откако ќе си го задржел својот дел од пленот, истите му ги предавал на првопријавениот Б.У. (48) кој понатаму ги користел за свои лични потреби.

Финансиската полиција ќе ја продолжи истрагата за случајот се со цел утврдување дали и други лица се инволвирани во матните зделки на пријавените.