Агенцијата за храната и ветеринарство ќе врши проценка на популацијата кучињата скитници во Скопје

Агенцијата за храна и ветеринарство овој месец ќе спроведе акција за проценка на популацијата на кучињата скитници на територијата на град Скопје која ќе се реализира со поддршка на Кралското здружение за заштита на животните од суровост од Велика Британија (RSPCA).

Во тек се подготвителните активности за извршување на процената која ќе ја спроведат шест волонтери, распоредени во три тимови. Волонтерите се обучени за извршување на оваа активност и ги поседуваат неопходните знаења и вештини за соодветно извршување на процената на популацијата бездомни кучиња.

Методологијата и начинот на извршување на процената е во согласност со упатството за проценка на популација на кучиња скитници на Светското здружение за заштита на животните (WSPA). Согласно дефинираната методологија, градот Скопје е поделен на 100 реона, а броењето ќе се изврши во 24 реони.

Освен за бројната состојба за популацијата бездомни кучиња во главниот град, со пребројувањето ќе се соберат и податоци за полот на кучињата, за тоа дали се работи за куче скитник или за куче кое има сопственик, но има пристап до улица и јавна површина. Ќе се евидентираат и податоците за тоа дали станува збор за куче кое веќе е заловено од страна на надлежното прифатилиште односно дали истото е соодветно видливо обележано, а со тоа и дека истото е стерилизирано и вакцинирано.

Волонтерите ќе вршат и проценка на телесната кондиција на кучињата, а ќе се забележува дали животните имаат повреди на екстремитетите или на кожата.

Последна проценка на популацијата на кучиња скитници на територијата на град Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство изврши во 2010 година а спроведено е и истражување на јавното мислење во однос на домашните миленици и кучињата скитници.

По завршување на активностите за спроведување на второто пребројување на бездомните кучиња во Скопје, Агенцијата ќе направи и компаративна анализа во однос на податоците од спроведената проценка во 2010 година.

Освен во Скопје, проценка на популацијата кучиња скитници и истражување на јавното мислење, Агенцијата за храна и ветеринарство има спроведено и во Тетово, Гостивар и Неготино.