Агенцијата за лекови распиша оглас за 15 вработувања

Агенцијата за лекови на Република Македонија распиша оглас за вработување 15 лица со и без работно искуство, информира денеска на прес-конференција директорката Марија Дарковска – Серафимовска.

Огласот, според директорката на Агенцијата, ќе биде отворен од денеска во наредните 30 дена.

За раководител на одделение се бараат три лица, односно по едно со завршен Економски и Правен факултет и со Природно математички науки, информатика или технично-технолошки науки. Лицата кои ќе аплицираат за оваа позиција треба да имаат најмалку четири години работно искуство во струката од кои една година во државна служба.

Четири работни за работно место советник, од кои потребни се три со завршен Фармацевтски факултет и едно со Фармацевтски или Медицински факултет, со најмалку три години работно искуство.

Во огласот се бараат и четири лица за виш соработник, од кои две со завршен Фармацевтски факултет едно со Фармацевтски или Медицински и едно со завршени општествени, економски или правни науки со две години работно искуство.

Потребни се и четири помлади соработници, од кои тројца со Фармацевтски факултет и eден со Фармацевтски, Медицински или Стоматолошки факултет, за што не е потребно работно искуство.

– Ги охрабруваме кандидатите кои се заинтересирани и ги исполнуваат условите пропишани во огласот, да се пријават на конкурсот. Сите кандидати ќе имаат еднаква можност да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуства и личен капацитет без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други околности. Ќе бидат ангажирани само најспособните и најсоодветните кандидати за позицијата за која се аплицира, рече Дарковска – Серафимовска.

Заинтересираните кандидати можат да поднесат пријава за вработување државен службеник во писмена форма преку писарницата на Агенцијата за администрација, по пошта на адреса Агенција за администрација ул.„Јуриј Гагарин“ бр.15. (со назнака за оглас број 198/2014) или во електронска форма преку интернет локацијата на Агенцијата за администрација http://prijava.aa.mk.

Агенцијата за лекови е основана на 16 септември годинава, врз основа на Законот за лекови и медицнски помагала, како самостоен орган на државната управа. – Целта е контрола на сите лекови и медицински помагала кои се ставаат во промет на територија на РМ за обезбедување на квалитетни, безбедни и ефикасни лекови за чување на здравјето на граѓаните.